Одлична можност за оние кои се невработени – Обука на 220 лица за јава програмирање и софтверско тестирање

java-programirane.jpg

Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) денеска распиша оглас за бесплатна ИТ обука на 220 лица, од кои 110 за јава  програмирање, а 110 за софтверско тестирање. Ќе добијат сертификати со кои полесно би дошле до вработување во ИКТ фирми каде има дефицит од таков кадар.

На огласот можат да се пријават невработени лица до 29 години со  почетни познавања за програмирање. Треба да поминат пред тестирање за да бидат вклучени во обуката што за едно лица чини 1.550 евра. За оваа мерка се обезбедени 18.450.000 денари (295.000 евра) од третиот грант на АВРМ „Поддршка за вработување  млади лица до 29 годишна возраст“, финансиран од Европската унија.

–  Се надевам дека до крајот на годинава  сите 220 лица ќе земат сертификати и ќе се обидеме да ги понудиме на дел од компаниите кои отворија претставништва и работни места во Македонија и оние кои веќе постојат и имаат потреба од вакви лица, рече на прес-конференција Влатко Поповски, директор на АВРМ.

Според министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска, пазарот на труд во Македонија има огромна апсорциска моќ за ИТ кадар. Секој трет ден годинава, потенцира, се отвора програмерска фирма. Од почетокот на годинава се отворени 67 нови компании од ИКТ, од кои 40 во дејностите програмирање, обработка на податоци и интернет портали. Од тие причини, укажа министерката, неопходен е  координиран пристап од сите институции, односно покрај универзитетите кои произведуваат дипломирани професионалци, мора да се работи и на преквалификација.

Преку проектите на АВРМ и со помош од европските фондови досега за ИТ областа се преквалификувани над 800 лица без формално ИТ образование, а во фаза на преквалификација се 200. Петстотини се веќе редовно вработени, а за другите се смета дека се ангажирани со авторски и договори на дело.

Клучните дејности за преквалификациите се утврдени во консултации со бизнис секторот. Најновото истражување на АВРМ, како што нагласи Поповски, покажува дека програмерите, инжинерите за одржување софтвер и лицата за одржување софтверски апликации се на првите три места од 15-те најбарани професии на пазарот на труд во државава.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail