Охрид имал универзитет два века пред Болоња

sveti-kliment.jpg

Чествувањето на свети Климент Охридски во македонското општество не е само од религиозен карактер туку во себе го содржи значењето на темелен доказ за создавањето на македонската писменост како еден од предусловите за национално осознавање. Свети Климент Охридски, во сите записи и научни трудови за него, се наведува како наследник и ученик на светите Кирил и Методиј, т.е. на нивното сесловенско просветителско значење. Но, и покрај сесловенското значење на свети Климент, со неговото подолготрајно дејствување и улогата во создавањето на Охридската книжевна школа (Светиклиментовиот универзитет), добива поконкретна важност за македонската културна посебност во словенскиот свет.

Од 2007 година, 8 декември во Република Македонија се прославува како државен празник посветен на свети Климент Охридски. Всушност, на тој датум календарски се слави именденот на свети Климент Охридски, кога празнично се поврзува со споменот на св. Климент Први, папата римски.

Се смета дека во 868 година во Рим, ученикот на Кирил и Методиј го добил свештеничкото име при ракоположувањето од страна на папата Адријан Втори, токму во чест на св. Климент Први Римски.

Во историското профилирање на духовната, културната и на писмената традиција, св. Климент Охридски ги обединил границите на различностите и на сличностите во тогашниот свет, воведувајќи ги општите цивилизациски вредности со ренесансното и со христијанското хуманистичко напластување. Без улогите на св. Климент и на Охридската книжевна школа, последователниот цивилизациски тек активиран од дејноста на св. Кирил и Методиј би се одложил да почека нови историски околности за афирмација на словенската цивилизација и култура.

Она што може да се смета како основен извор за животот и за делото на св. Климент Охридски останало под превезот на духовната и на културната меморија како легендарно, култно, или како книжевно изнесување на сведоштвата за неговата слава и за свидетелскиот спомен. Со посредна, периодична анализа на настаните и процесите поврзани со животот на св. Климент Охридски, може да се претпостави дека тој бил роден во 30-тите години на 9 век, или околу 840 година. Починал или бил погребан во јули 916 година, близу 80-годишната возраст. Постојат и различни претпоставки за местото каде што бил роден (од брегалничката област до Солун), но голема е веројатноста дека неговото потекло е од областа на денешната Република Македонија.

Од млади години ги придружувал светите браќа Кирил и Методиј и учествувал во нивната прва мисија по долината на реката Брегалница. Најверојатно во 860 година ги придружувал и во мисијата кај Хазарите во Херсон. Пролетта 864 година, заедно со своите учители, заминал во Велика Моравија. Се истакнал со неуморен труд и залагања за ширење на словенската писменост и култура. И во никој случај не подлегнал под притисоците на тријазичниците. По смртта на свети Методиј во 885 година, неговите ученици не можеле да ги истрпат нападите на германските свештеници, па некои од нив биле продадени како робови на италијанските бродови, некои се населиле покрај јадранскиот брег на Далмација, а свети Климент, заедно со свети Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, бил принуден да избега на југ од Дунав, каде што го продолжил делото на своите учители.

Бугарскиот кнез Борис ги примил со големи почести, но светите Климент и Наум веднаш влегле во судир со грчкото свештенство, кое ја ширело грчката пропаганда меѓу словенските племиња. Под наговор на византискиот император Михаил, кнезот Борис ги принудил словенските учители да ја упростат словенската азбука, глаголицата, и да направат азбука слична на грчкиот алфабет. Светите Климент и Наум не се согласиле со ваквите настојувања на кнезот. Во нивната непоколеблива служба на словенскиот јазик, кнезот гледал вистинско средство со кое ќе го намали византиското влијание во југозападна Македонија и дел на јужна Албанија, па за таа цел во 886 година тој го испратил свети Климент во словенска мисионерска работа во областа Кутмичевица. Дејноста на свети Климент била слична на онаа во Панонија и Моравија, со таа разлика што сега се борел со грчкото свештенство, а не со латинското. Тој се обидувал да ја замени грчката богослужба со словенска, која би била разбирлива за сите. И покрај тоа што Константин Преславски ја создал кирилицата, која ја нарекол така во чест на своите учители Кирил и Методиј, сепак свети Климент останал доследен на своите учители и ја ширел и понатаму вешто и упорно глаголицата. Откако свети Климент дошол во Кутмичевица, како учител тој се однесувал многу љубезно со сите, како вистински сенароден пастир.

Како учител и епископ, свети Климент, заедно со свети Наум, ги поставил основите на Охридската книжевна школа. Цели два века пред Болоњскиот универзитет, тој го основал првиот Словенски универзитет во Охрид.

Во 893 година свети Климент станал прв словенски епископ, како награда од новиот бугарски цар Симеон за плодната словенска дејност.

Што се однесува до неговиот литературен опус, тој напишал повеќе поучни и пофални слова за потребите за богослужбата. Свети Климент е првиот писател што во старословенската литература ги вовел поучните и пофалните слова. Се претпоставува дека напишал околу 40 слова, но само на 14 од нив го потпишал своето име. Тој, освен со пишување, се замимавал и со преведување и го превел „Цветниот триод“. Постои претпоставка дека е автор и на Панонските легенди, житијата на светите Кирил и Методиј.

Јаминка Павловска за Нова Македонија

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail