Stri-Oh.leto_.jpg

Воодушевена публика, одговори со овации за македонските уметници.

Солисти на вечерта беа врвните македонски сопрани Весна Ѓиновска Илкова и Славица Петровска Галиќ, тенорот Благој Нацоски, басот Владимир Саздовски, кои настапија заедно со оркестарот и хорот на Македонската опера и балет и детскиот хор „ Пиколо“ подготвен од Весна Димчевска. Ораториумот беше изведен под диригентската палка на Бисера Чадловска.

Освен публиката, задоволен од синоќешниот настан на фестивалот „Охридско лето“ беше и композиторот на делото, Димитрие Бужаровски, звучно име во светот на музичката уметност.

– Мислам дека беше извонредна изведба, и тоа, се разбира, од најреномираниот ансамбл, Македонската опера. Многу се вложија сите и се чувствуваше дека со задоволство го исполнуваа делото. Навистина сум горд што синоќа сите имаа можност да уживаат во еден семакедонски производ. Прво, текстот кој е мошне значаен во македонската култура од 13-от век, е последниот текст којшто е сочуван во старата кирилометодиевска традиција.Потоа јас како композитор, македонски ансамбл, македонски изведувачи, македонски хор… тоа навистина ретко се случува кај нас и се надевам дека сите го ценеа ова и уживаа во синоќешниот концерт, вели композиторот Бужаровски.

“Радомировиот псалтир” е кирилски литургиски псалтир со молитви од втората половина на 13-от век. Ораториумот, како што појасни композиторот, е замислен и напишан токму за фестивалот „Охридско лето“.

– Овој проект, во 1999 година, првобитно беше замислен и напишан токму за фестивалот „Охридско лето“ . Оттогаш поминаа и 19 години и многу ми е драго што конечно е изведен таму за каде што беше наменет, додава Бужаровски.

Учеството на Бужаровски на најголемата и најзначајната културна манифестација во Република Македонија, фестивалот „Охридско лето“, има континуитет, како композитор, пијанист, но и изведувач на синтесајзери. Во 1990 година на фестивалската сцена во Предворјето на „Света Софија“ беше изведен и неговиот ораториум „Охрид“ од страна на Македонската филхармонија и хорот на Факултетот за музичка уметност.

Димитрие Бужаровски е еден од најплодните македонски композитори со над 70 опуси во кои спаѓаат и четири симфонии, три ораториума, седум концерти, две опери и два балета, поголем број на сонати и циклуси на соло песни. Ораториумот „Радомировиот псалтир“ е единственото македонско дело кое било номинирано за најпрестижната светска награда за композиција „Grawemeyer Award“ во 2003 година од американскиот универзитет Луизијана тех.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail