oslo-norway.jpg

Безбројни бродски контејнери, огромна раскрсница, сообраќај, издувни гасови: вака соодветно можеше да се опише пристаништето во Осло од пред неколку години. Денес тоа изгледа сосема поинаку. Сообраќајот се регулира преку подводен тунел. Наоколу забележувате хибридни возила и на електричен погон. Над подвозникот, пак, наскоро треба да никнат неколку музеи и библиотеки кои треба да го привлекуваат вниманието од 2020 година натаму.

Новите проекти имаат особено еколошки и културолошки особини, објаснува Анита Линдал Тросдал, проектен менаџер на Осло, град на екологијата за 2019 година.

Нејзината канцеларија е на вода, недалеку од еден музеј кој наскоро треба да биде готов – Националниот музеј.

Но, и остатокот на градот брзо расте, особено со изградба на нови станови. И тука се става акцент на одржливоста. „Ние ја користиме нашата пазарна сила за да градиме без фосилна енергија“, вели Тросдал. „Така, градбата нема да биде одржлива само за време на користењето, туку и во самиот процес на градење“.

Малку посеверно, на страна од променадата на брегот, се наоѓа вулканскиот кварт, главна зона за еколошки и одржливи градби. Во 1800-тите години тука се наоѓале повеќето фабрики во Осло. Денес на покривите на модернизираните објекти има сандаци со пчели, како на пример на хотелот „Скандик вулкан“.

„Летово имавме 500 илјади пчели кои произведоа 271 килограм мед“, вели Моника Егеберг, директорка на хотелот. Синџирот хотели ги смета пчелите за симбол за заштита на околината. „Но и во поглед на енергијата сме речиси независни од други извори“, вели Егеберг.

Хотелот е изграден во 2011 година, кога остатокот од фабриката беше модернизиран и пренаменет во кафулиња, ресторани, канцеларии и домови. Најголемиот ресторански пункт во Осло се наоѓа во истото маало, како и централа која со топлинска пумпа, геотермална енергија и соларни панели обезбедува повеќе од 80 проценти од потребите на целиот кварт.

Такви зелени проекти му помогнаа Осло да се наметне во конкуренција со 13 други европски градови за титулата европски главен град на екологијата за 2019 година. Европската комисија во 2008 ја воведе оваа титула со цел да се воведуваат одржливи решенија кои ќе инспирираат и други градови.

Глобално погледнато, Осло со помалку од 700 илјади жители е мал град, што значи дека само напорите на Осло да ги намали штетните емисии секако нема да ја спасат климата. Но Тросдал вели дека Осло е перфектен град за да се развиваат идеи кои се интернационално применети од други градови или земји и може да направат разлика.

„Сепак, доволно сме големи за да пробуваме решенија кои може да се применат подоцна и во поголеми градови“, вели таа. „Пример сме за светска класа кога се работи за воведување на електрични возила. Други градови може да се угледаат на нас“.

Речиси половина од продадените возила се комплетно електрични, има трамвај, електробуси и фериботи, кои користат еколошка струја. Во ледените зими многу домаќинства се греат на струја добиена од согорување на отпадот. До крајот на следната година Осло сака да ги намали штетните емисии за 36 проценти во однос на 1990 година. До 2030 треба да бидат намалени за 95 проценти. Градските власти за таа цел определија климатски буџет, веројатно прв таков пример во светот. „Емисиите на ЦО2 ги броиме исто како и парите“, вели Рејмонд Јохансен, градоначалник на Осло. „Сите делови од градот мора да се пријавува колку се намалиле емисиите наведувајќи конкретни цели и бројки“.

Климатскиот буџет на градскиот совет му дава увид во мерките што ги презема главниот град и така секогаш е јасно и транспарентно дали Олсо е на вистински пат да ги постигне зацртаните климатски цели.

Градските власти, составени од Работничката партија на Јохансен, Зелените и Социјалистичката левичарска партија, кои беа избрани во 2015 година, неуморно ја туркаат својата екоагенда. Но некои сепак се спротивставија.

Пред сè компаниите се против тоа голем дел од централното градско подрачје да биде затворено за автомобили. Ваквите планови засега се малку „скратени“. Ќе има забрана за движење на автомобилите само на некои поважни улици, а во другите реони ќе има повеќе зони за пешаци и велосипеди. Намалувањето на сообраќајот е од клучно значење бидејќи издувните гасови од автомобилите се најголем извор на загадување во Осло.

Воведувањето такси веќе придонесе кон намалување на сообраќајот. Но, со оглед на тоа дека дневната тарифа за влез во центарот на градот во споредба со лани се зголеми – од 3,20 евра од 2016 на 5,60 во 2019 за приватен автомобил – критичарите велат дека со ова е веќе е постигната горната граница со која се оптоваруваат граѓаните.

„Најголемиот предизвик за нас сега е да се намали бројот на приватни автомобили“, вели Јохансен. Но тој признава дека ова е тешка мисија бидејќи градот не може да врши преголем економски притисок врз возачите.

Електричните автомобили се ослободени од такси, што придонесува за зголемување на нивната продажба. Но со тоа се фаворизираат богатите. Многумина што не може да си дозволат да си ги заменат автомобилите на бензин и дизел со електрични се чувствуваат неправедно казнети.

Сепак, поголемиот дел од граѓаните ги поддржуваат целите на градот за намалување на емисијата на штетните гасови. Една последна анкета покажува дека три четвртини од испитаниците веруваат дека е важно и неопходно да се направи нешто за намалување на емисијата на штетни гасови за 95 проценти до 2030 година.

Речиси над половина од нив ги поддржуваат целите дека треба да има забрана за автомобили во централното градско подрачје, додека 63 отсто рекле дека со мерките што се преземаат за остварување на климатските цели ќе го направат Осло еден подобар град.

(Дојче веле)

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail