„Отело“ на Турски театар како метафора на раѓањето и миењето на гревовите

AA63D3A2-18F6-4149-8DC6-0DF269A36AE2_cx0_cy3_cw0_w987_r1_s_r1.jpg

Од овој вторник, 24 јануари, на малата сцена во „Театар Комедија“, својот засебен живот го започна шекспировата класика „Отело“ видена низ призмата на режисерот Дејан Пројковски. Претставата замислена како драма во движења е во продукција на Турски театар.

 

По нецели две години од поставувањето на есхиловиот „Прометеј“, режисерот Дејан Пројковски во Турски театар во Скопје, ја потпишува и својата петта претстава во нивна продукција – шекспировата класика „Отело“. Всушност, како што забележува, тој со новиот проект безмалку со истата екипа ги продолжува потрагите во сопствената лабораторија за антички театар. И во овој проект се работи за театар на движења – шесттемина актери играат во вода во мал базен, така што претставата се занимава и со нивната психо-физичката издржливост, а соработник во градењето на специфичните сценски движења, како и во исклучително успешниот „Прометеј“, повторно му е кореографката Олга Панго.

„Создадовме претстава која е жестока, сурова и радикална и сето тоа е содржано токму во актерската игра. Нашата „Отело“ е всушност претстава која во основа го има актерот. Шест актери на сцена коишто се раѓаат и умираат буквално на штиците што значат живот. Една претстава којашто се случува во вода, а водата е метафора, симбол на раѓањето, на обидот за миење на гревовите. Самата вода е и брачната постела, водата во која се извршуваат убиствата, стигнувајќи на крајот до дождот кој можеби се и солзите на Дездемона и потребата таа да ги исчисти нивните гревови“, вели Пројковски.

Прес конференција за театарската претстава „Отело“.

Тој дополнува дека водата ја носи и пораката дека најголемото зло во човекот и најголемиот отров во неговиот организам е мислата, оти таа ги создава конструкциите во главата.

„Најголемиот отров во неговиот организам е мислата или конструкцијата, бидејќи поголемиот дел од работите што ги носиме во нас се, всушност, конструкции на определени работи и светови коишто си ги создаваме самите во нашите глави. Велат дека кога човек ќе се дистанцира од местото каде што живее, ако отиде на другиот крај на светот, после определено време конструкциите што ги носи во главата престануваат да важат и таму создава нови светови но создава и нови бариери. Нови пречки во главата. “

А, кореографката Олга Панго истакнува дека имале макотрпен процес на подготовка зашто просторот во кој играат е вода при што телото, како што рече, е максимално искористено.

„Актерите на едно лизгаво, неприродно тло до максимум се обидоа да ги дадат своите физички и играчки способности. Во претставата има многу кореографии. Ќе ја видите драмата, тоа е една шекспирова трагедија меѓутоа многу физички и играчки направена. Мислам дека со Пројковски повторно направивме еден чекор напред и ги турнавме границите за да внесеме новитети во македонскиот театар.“

Во овој контекст, Џенап Самет, кој умешно се справува со ликот на Отело, не случајно истакнува зад ние е еден прекрасен, но и претежок процес во речиси трите месеци во подготовка на претставата.

„Успеавме да направиме лабораторија и да излеземе од некои наши граници. Од она што мислевме како актери дека е нашиот максимум. Видовме дека не бил тука крајот на нашите можности и дека сме можеле барем уште малку да додадеме на она што сме го носеле во себе. Ете и тоа го направивме и сега не знаеме дали има нешто над тоа и кога ќе се збогатиме со таквите сознанија“, вели Самет.

Негов партнер како Јаго е Селпин Керим ( носителот на дејствието во „Прометеј“ и актер со бројни награди за оваа улога), ликот на Дездемона го отелотворува Сузан Акбелге, Осман Али ќе настапи како Касио, повратничката на сцена Зубејде Али била задолжена за Емилија, а Неат Али се појавува во улогата на Родриго.

Музиката за претставата е на Горан Трајкоски, сценограф е Татјана Христоска-Блажевска, а костимограф – Тања Кларис.

Конечно, во Турскиот театар не се сомневаат дека имаат нов квалитетен проект, „антологиска претстава“ како што би рекол директорот Атила Клинче, та затоа отсега го најавуваат и учеството на неколку значајни интернационални театарски фестивали.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail