Откриено како старите Египќани ги ределе пирамидите со речиси совршена прецизност

pir.jpg

Со векови пирамидите во Гиза се сметаат за древен инженерски подвиг и ги збунуваат истражувачите – не само со своите мистериозни шуплини и скриени одаи, туку и со тоа како точно древните Египќани изградиле такви импресивни структури без модерната технологија.

Едно од најконтроверзните прашања е како структурите се толку совршено усогласени.

Иако е малку асиметрична, четвртестите страни на Големата пирамида од Гиза, позната и како Големата пирамида на Куфу, генерално се мошне прави и речиси совршено усогласени со главните точки, север-југ-исток-запад.

Ја изградил египетскиот фараон Куфу Пред околу 4.500 години и таа е најголемата од трите пирамиди – сега високи околу 138 метри – на платото Гиза. Античките писатели ја сметале за „светско чудо“.

Излегува дека тие што ја граделе пирамидата некако го дизајнирале ова древно чудо со екстремна прецизност.

„Градителите на Големата пирамида на Куфу го усогласиле големиот споменик со главните точки со точност поголема од четири лачни минути, или една петнаесеттина степен“, напиша Глен Даш, инженер што ги проучува пирамидите во Гиза, во научниот труд објавен неодамна во Журнал на античката египетската архитектура.

Повеќе од еден век истражувачите предлагаа различни методи што ги користеле античките Египќани за толку прецизно да ги усогласат пирамидите со главните точки. Сега Даш вели дека можеби открил како Египќаните речиси совршено го нагодиле споменикот: тие можеби ја искористиле есенската рамноденица.

Рамноденицата се смета за моментот што се случува двапати годишно кога рамнината на Земјиниот екватор поминува низ центарот на сочневиот диск, а должината на денот и ноќта е прилично иста.

Всушност, сите три најголеми египетски пирамиди, Големата и Кефреновата пирамида во Гиза и Црвената пирамида во Дахшур, се усогласени со висок степен прецизност, на начин што не би го очекувале од една ера без дронови, скици и компјутери.

„Сите три пирамиди имаат иста грешка, тие се благо свртени во насока спротивна од стрелките на часовникот од главните точки“, пишува Даш.

 

Сенките во Конектикат и Гиза

Досега мерењата според рамноденицата беа игнорирани како можен метод за порамнување затоа што се претпоставуваше дека не би ја дал потребната прецизност.

Но Даш вели дека има начин ова да функционирало – со користење на прачка што денешните геодети ја нарекуваат „гномон“.

Во својот експеримент – кој тој го спровел во Помфрет, Конектикат, на 22 септември 2016 година (денот на есенската рамноденица) Даш поставил прачка на дрвена платформа и во текот на целиот ден, во еднакви интервали, го означувал местото на сенката од прачката, формирајќи мазна крива од точки.

А на крајот на денот, со затегнато парче жица врзано за столбот, тој пресретнал две точки од кривата и создал речиси совршена линија што се протегала во правец исток-запад, вели Саенс алерт.

„На денот на есенската рамноденица, истражувачот ќе открие дека врвот на сенката оди во права линија и речиси совршено исток-запад“, пишува Даш. Степенот на грешка е благо во насока обратна од стрелките на часовникот, слично на грешката најдена кај Големата пирамида, Кефреновата пирамида и Црвената пирамида, открил Даш. Наклонот на Земјата при есенската рамноденица овозможува сенката да се движи во правец исток-запад, пишува тој.

Иако експериментот е спроведен во Конектикат, техниката би требало да функционира и во Гиза, вели Даш. За техниката да функционира, сè што им требало на античките Египќани (или на кој било геодет) бил „јасен сончев ден, како повеќето денови во Гиза. Повремените облаци не би биле проблем“, изјави Даш за Лајв саенс. Прачката можело да се постави на дрвена платформа или на земја во Гиза, вели Даш и додава дека Египќаните можеле да го одредат денот на есенската рамноденица сметајќи 91 ден по летната краткоденица.

Дали древните Египќани всушност го користеле тоа?

Неодамнешниот експеримент покажува дека есенската рамноденица можеби се користела за редење на трите пирамиди, но нема никаков доказ дека античките Египќани ја користеле оваа техника. Експериментите спроведени во текот на изминатите неколку децении сугерираат дека при поставувањето на пирамидите можеби биле употребени неколку методи, како тој со ѕвездата Северница, или со сончевата сенка. Древните Египќани не оставиле употребливи записи што кажуваат кои методи ги користеле.

„Египќаните, за жал, ни оставиле многу малку траги. Не е најден ниеден инженерски документ или архитектонски план што би дал технички објаснувања за тоа како древните Египќани ги поставувале своите храмови или пирамиди“, напишал Даш во статијата. Всушност, можно е да се користеле повеќе методи за редење на пирамидите, рекол Даш за Лајв саенс.

Но методот на есенската рамноденица има една предност: релативно е едноставен за употреба. Другите методи бараат повеќе чекори и обично се посложени, вели тој. „Тешко е да се замисли метод што би можел да биде поедноставен, било концептуално или во практиката“, од методот на есенска рамноденица, пишува Даш.

Иако можеби никогаш нема да дознаеме што навистина се случило, овој нов труд дава една интересна поента – дека нешто толку едноставно како мапирањето сенки за време на есенската рамноденица би можело да биде доволно софистицирано за да се нагодат некои од најзначајните древни структури на човештвото.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail