Откриено најстарото археолошко наоѓалиште во Македонија

14d1fa7ca660d4c2e48be74255a03674_XL.jpg

Штипските археолози открија досега најстаро археолошко наоѓалиште во Македонија, на локацијата Узун Мери помеѓу селата Мустафино и Ерџелија, Светиниколско, кое датира од старото камено време, кога во период меѓу 40 илјади и 300 илјади години пред нашата ера на таа територија живееле луѓе од видот неандерталци. Ова на прес-конференција го објави доц. д-р Трајче Нацев, професор на насоката Археологија на Факултетот за образовни науки при УГД.

Ние со овие истражувања, всушност, откривме археолошки локалитет, кој засега е единствен таков во нашата држава. Претставува палеолитска станица од отворен тип. Такви кај нас нема. Кај сите соседни земји и земјите од поранешна СФРЈ, постојат палеолитски станици – изјави Трајче Нацев, раководител на истражувањето.

На локалитетот на површина од 1 километар квадратен се пронајдени примитивни орудија кои неандерталците ги користеле за сечење на месо од уловените животни.

Станува збор за мобилни групи на луѓе, ловци и собирачи, кои зависат од движењата на стадата на големите животни и тие се движат со стадата, тоа се мобилни групи, никогаш не се задржуваат на едно место, но сезонски зачестено посетуваат некои локации во нивната територија, на којашто се движат, дали се тоа извори на вода, животни и сл. – вели Дарко Стојановски, кораководител на истражувањето.

Но, првото откриено палеолитско наоѓалиште на Истокот не значи и дека е последно. Постојат сомневања дека вакви наоѓалишта би можеле да постојат на уште најмалку две локации.

Претпоставки за можни палеолитски наоѓалишта во Источна Македонија, на локацијата Коњска Дупка кај село Град во Делчево, а имам добиено и фотографии од палеолитска станица која најверојатно се наоѓа во близина на селото Лепопелци, кај Злетово – истакна доц. д-р Трајче Нацев.

Развојот на истражувањето во следниот период ќе оди во правец на утврдување на точната старост на локалитетот, за што во втората половина на август ќе дојдат научници од Италија, кои ќе ја прецизираат точната старост.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail