Отворен ден на УГД во Прилеп

6c84d533fc229526581c779693b8a623_XL.jpg

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип на Отворен ден организиран во кампусот во Прилеп се претстави пред средношколците и граѓаните од овој град и регионот. Целта на ваквиот начин на претставување е, пред сѐ, УГД да биде подостапен до матурантите од Прилеп и да дознаат со кои дисперзирани студии располага УГД во Наставниот центар во Прилеп.

– Во кампусот на УГД во Прилеп постојат три факултетски единици, тоа се Земјоделскиот факултет, Факултетот за природни и технички науки и Технолошко-технички факултет. Особено сме среќни и задоволни што имавме одѕив, дојдоа млади луѓе, матуранти од средните училишта од Прилеп заедно со нивните наставници и директори и се претставивме, се надевам, во убаво светло и дека им овозможивме од август, кога ќе започнат уписите, полесно да го направат својот избор. Според побарувањата на пазарот на трудот, така и ги правиме студиските програми по наставни центри. На пример, за Земјоделскиот факултет имаме Фитомедицина и Полјоделство, тоа се две атрактивни програми. Во соработка со фирми и институции во Прилеп доаѓаме до заклучок дека сѐ уште постои недостаток од инженери и агрономи и се барани на пазарот на трудот – изјави доц. д-р Емилија Арсов, продекан за настава на Земјоделскиот факултет.

На средношколците им беа презентирани и информациите за стипендиите кои УГД им ги нуди на студентите кои се најдобро рангирани на уписите, што е убава можност за секој средношколец да дојде на УГД. Освен Отворениот ден, кампусот во Прилеп секој ден е отворен за сите заинтересирани средношколци и граѓани кои сакаат да добијат информации за студиските програми, уписите, стипендиите и за сѐ друго што е поврзано со студирањето на УГД.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail