Отворен повик за трудови за вториот број на списанието „Axios“

axios_vol.2_.jpg

Студентското Археолошко Здружение “Аксиос” од Скопје го отвори повикот за пријавување на трудови за вториот број на меѓународното електронско списание за студентски стручни трудови од областа на археологијата, историјата на уметноста и културното наследство “AXIOS”, кој ќе трае сé до 30 септември 2017 година.

Право за пријавување на трудови имаат сите активни студенти кои имаат запишано додипломски или постдипломски студии.

При пишувањето на трудовите, авторите треба да се придржуваат кон вообичаените правила и стандарди за пишување на стручни трудови (име и презиме на авторот, вид на студии (додипломски или постдипломски), факултет и универзитет на кој студира, контакт e-mail на авторот, наслов на трудот, апстракт на јазикот на кој е напишан трудот, клучни зборови, фусноти, библиографија и извори, илустрации и резиме на англиски јазик).

Цитирањето на користената литература и извори треба да биде според т.н. Оксфордски стил. Пријавените трудови не треба да надминуваат 16 страници текст, односно 20 страници со илустрации.

Електронската пошта на која треба да се испраќаат трудовите е: [email protected].

Издавањето на списанието “AXIOS”, почнувајќи од оваа година, е поддржано и од страна на Министерството за култура на Република Македонија.

Вториот број се очекува да биде достапен за јавноста до крајот на 2017 година.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail