Отворена работилница за преведувачи

rabotilnica-za-preveduvaci.jpg

Здружението на преведувачи на Република Македонија и Филолошкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип денеска за студентите организираа работилница на тема „Оригиналноста во преводот-почит кон индивидуалноста на авторот и кон јазикот“.

Деканот на Филолошкиот факултет на УГД-Штип, Драгана Кузмановска вели дека на работилницата студентите практично ќе видат како се преведува еден книжевен текст, но и на какви проблеми можат да наидат при преведувањето на еден таков текст.

– Ние направивме еден проект за стекнување и развивање на компетенциите на преведувачите и толкувачите на нашиот Филолошки факултет од сите јазични групи, англиски, германски, турски во паралела со македонскиот јазик и денес се обидуваме практично со помош на нашите колеги од ова здружение да им покажеме на нашите идни преведувачи и толкувачи на какви проблеми ќе наидат кога ќе излезат на пазарот на трудот, вели Кузмановска.

Претседателката на Здружението на преведувачи Огнена Никулјски вели дека како Здружение се залагаат за унапредување на професијата и за нејзина поголема видливост и праведен третман во општеството. Смета дека овие работилници се корисни за студентите со цел практично да осознаат како треба да се преведува еден текст. Според  Никулјски, еден преведувач мора постојано да истражува за автентично да преведе еден текст.

– Мора да се истражува претходно за да се види што е она што го карактеризира стилот на авторот, како тоа на македонски ќе звучи најсоодветно, најприродно. Затоа што вие неможете да ставите еден 16-годишник, кој што зборува неправилен странски јазик, да го преведете литературно на македонски јазик, како да завршил академија. Значи, мора да истражувате и да видите како денес зборуваат младите и да го изнајдете тој јазик што е потребен за да навистина се почуствува дека тој лик во книжевното дело има 16 години и не го зборува правилно својот јазик, вели Никулјски.

Таа забележа дека не држи констатцијата дека македонскиот јазик е сиромашен за да се изразат одредени чувства, туку преведувачите на делата се тие кои треба да бидат ангажирани и  треба постојано да истражуваат. Во моментов во земјава има потреба од преведувачи на шведски јазик и на останатите јазици од скандинавската група на јазици.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail