Ова се најмоќните и највредни светски брендови

ferari.jpg

Италијанскиот производител на автомобили „Ферари“ повторно ја освои титулата најмоќен светски бренд, стои во најновиот извештај на „Бренд фајненс“, претставен на штотуку завршениот Светски економски форум во Давос.

Во извештајот на компанијата „Бренд фајненс“, која ја мери вредноста на 500. најголеми светски брендови, е наведено дека „Ферари“ во текот на минатата година во категоријата Индекс на сила на брендот (БСИ) го подобрил својот рејтинг за три поени, од 91,5 на 94,8 од можни 100. Така, „Ферари“ ги претекна „Мекдоналдс“, „Кока-Кола“, „Лего“ и „Дизни“.

Гигантот меѓу автомобилските брендови титулата за најмоќен светски бренд последен пат ја доби во 2014 година.

– Како најквалитетен светски произведувач на луксузни возила, „Ферари“ има неспоредливо ниво на препознатливост на брендот, кој е поддржан од прекрасен дизајн и иновација. Логото со потскокнат коњ е совршен симбол за силата и виталноста на брендот кој планира нови модели и допира надвор од автоиндустријата – истакна Дејвид Хејг, извршен директор на „Бренд фајненс“.

Кога станува збор за вредноста на брендот, на врвот на листата се наоѓа „Амазон“, со 187,9 милијарди долари (раст од 24,6 отсто во споредба со 2018 година), на второто место е „Епл“ со 153,6 милијарди долари (5,0 отсто) и на третото е „Гугл“ со 142,7 милијарди долари (18,1 отсто).

„Мајкрософт“ се искачи на четвртата позиција, со вредност на брендот од 119,6 милијарди долари и го потисна „Самсунг“ на петтото место. Вредноста на брендот на овој јужнокорејски технолошки гигант е намалена за 1,1 отсто, на 91,3 милијарда долари.

Треба да се спомене и скокот на кинескиот „Хуавеи“, кој со раст на вредноста на брендот од 63,7 отсто, на приближно 62,3 милијарди долари, од минатогодишното 25. се искачи на 12. место.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail