Пациент од САД спасен со матични клетки од македонски донатор

bahceci-123.jpg

Граѓаните можат да донираат матични клетки исто како што тоа го прават крводарителите. Со тоа тие ќе влезат во Светската база на податоци во која има околу 30 милиони дарители. На Институтот за имунологија за НОВА потврдија дека веќе имаат околу 3000 граѓани од Македонија кои се пријавиле да донираат матични клетки.

Професорот Дејан Трајков од Институтот за имунологија вели дека процедурата е едноставна и не е штетна, освен ако не се плашите од вадење на крв.

„ Кој сака да помогне, да биде хуман може да се пријави и да биде вклучен во базата на податоци. Потребно е само согласност, пополнување на формулар и со едно земање на крв завршува процедурата со што се влегува во светската база на донатори. Кога крвта ќе ги помине сите тестови и доколку се јави потреба некаде во свет да се спаси нечиј живот, се јавуваат и тогаш повторно прашуваат дали сакате да бидете донатор. Тоа е така затоа што кога болниот ќе го озрачат веќе нема откажување, потпишувате документ и повторно ви вадат крв. И толку, ништо не е штетно, тоа е само вадење на крв од која потоа се вадат матичните клетки. Се е со кодови, нема имиња и лични податоци“, изјави за НОВА, доктор Тајков.

Пациент од САД со тумот на лимфни клетки бил спасен благодарение на донатор на коскена срцевина од Македонија. Тоа се случило во 2015 година, а македонскиот донатор бил пронајден преку македонскиот Национален регистар кој е член на Светската асоцијација. Тим на американски лекари утврдиле дека коскената срцевина на дарителот од Македонија одговара на организмот на нивниот пациент и го побарале, велат за НОВА на Институтот за имунологија.

Уште еден македонски граѓанин со донирање на матичните клетки помогнал да се спаси човечки живот во Малме, Шведска во 2014 година.

На Институтот за имунологија велат дека веќе имаат база на податоци на околу 3000 граѓани од Македонија кои се пријавиле како донатори на матични клетки.

„Ништо не се плаќа, се е на доброволна и хумана основа. Наградата е тоа што дарителот се ослободува од партиципација и му следуваат бенефиции како на крводарите. Трансплантација на коскена срцевина од сродни дарители досега се правеше во Македонија, но сега ќе се започне со процедура на несродни дарители на Хематологија со што се отвараат можности пациентите да не одат во странство каде една трансплантација чини околу 150 000 евра“, изјави за НОВА, доц.др. Александар Петличковски, директор на Институтот за имунологија.

Директорот на Имунологија вели дека Македонија од 2010 година е член на оваа Светска асоцијација, но досега немало фондовска цена за процедурата во случај да затребаат матични клетки од пациент во странство, ниту пак имало можност трансплантацијата да се прави тука. Со реновирањето на Оддел за трансплантација се создадени и стерилни услови тоа да се изведува тука, вели Петличковски.

Од ФЗОМ за НОВА потврдија дека е се регулирани цените на процедурите и услугите. Тоа значи дека нема да се праќаат пацинети во странство, ако за тоа нема потреба.

Пресадување на коскена срцевина е неопходна при болести на крвта како што е леукемија, апластична анемија, лимфоми и други тешки заболувања.

На Имунологија велат дека во моментот имаат околу 500 дарители од една дарителска акција чија крв мораат да ја анализираат во наредните еден до два месеца, а просторните услови се мали за нова акција. По ова ќе може граѓаните кои сакаат да донираат матични клетки да се пријавуваат.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail