Палео диета: Како живееле пештерските луѓе и што јаделе?

kkk.jpg

Сигурно сте пробале или можеби само сте слушнале за таканаречената палео диета – начин на исхрана каков што имале нашите далечни предци од палеолитот, односно старо камено време. Многу фитнес гуруа и други застапници на разни диети за слабеење, тврдат дека начинот на исхрана кој го имале “пештерските луѓе” е идеален и за денешно време, особено доколку се борите со вишокот на килограми.

Како тогашните луѓе живееле и што јаделе?

Во камено време луѓето воглавно живееле како номади и ловци-собирачи. Живееле во мали групи, оделе наоколу во потрага по храна и често го менувале живеалиштето кога ќе снема храна. Ловеле животни, риби, инсекти, собирале овошје, зеленчук и семки – наизглед здрава храна. Но, во различни области исхраната била различна и најчесто не толку разновидна – луѓето гладувале и се јадело она што имало. Некогаш само месо, некогаш само семки.

Многу научници тврдат дека до пред околу 50 000 години, скоро секој човек јадел храна од растително потекло, а многу мал процент од животинско, јајца и инсекти. Големите животни како антилопите биле реткост и посебна гозба. Децата ги доеле долг временски период, но после тоа повеќе не јаделе млечни производи.

Во некои области растело повеќе овошје, па затоа тоа го сочинувало најголемиот дел од менито, додека некои групи, особено оние во студените региони биле исклучително успешни во ловот и храната воглавно за нив претставувала месо.

Она што можеби го забележавте е дека во исхраната од палеолитот не се вклучени житни култури. На големата врата во човечката исхрана тие влегуваат дури во неолитот, предизвикувајќи голема револуција која сосема го менува животот на луѓето.

Во неолитот, човекот почнал да користи житни култури кои на диво растеле по површината на источниот медитеран. Кога човекот научил како сам да ги одгледува, првите земјоделци повеќе не лутале по светот, туку покрај своите полиња со житни култури граделе населби и чувале животни.

Начинот на исхрана брзо се променил. Додека луѓето во палеолитот собирале плодови и ловеле, нивната исхрана варирала не само сезонски туку и благодарение на тоа што номадите постојано се селеле. Со одгледувањето на житарици и стока во постојани населби, исхраната станала помалку разновидна – неколку производи добиени животните и неколку житни култури.

Старите Европјани, ловци и собирачи на плодови после доењето не користеле млеко и млечни производи, па станувале интолерантни на лактоза, додека неолитскиот фармер на нив се навикнал.

Истражувачите наведуваат дека луѓето од палеолитот поздраво се хранеле отколку нивните потомци во неолитот бидејќи имале далеку поразновидна храна. Лошата жетва кај земјоделците предизвикувала глад во населбите. Исто така покрај едноличната исхрана, нивниот значајно помирен живот со помалку физички напор и одење во густо населена заедница сепак оставал последици по здравјето – дијабетес, срцеви заболувања и бројни заразни болести кои брзо се ширеле.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail