Паметната клупа на хрватскиот пронаоѓач стана хит

ivan_mrvos_steora.jpg

Младиот жител на хрватскиот град Солин, Иван Мрвош, кој е изумител на првата паметна клупа во Европа, тврди дека бројот на порачките на неговиот изум секојдневно расте.

Овој 21-годишен пронаоѓач вели дека неговата компанија, која почна со работа во 2014 година, продала 150 клупи во 2016 година, а веќе сега имаат исто толку нарачки.

– Во 2016 година нашите клупи ги извезувавме во седум држави. Најмногу порачки доаѓаа од Словачка, каде клупата стана вистински хит, изјави Мрвош.

Неговите клупи можат да полнат мобилни телефони и таблети и со нивна помош корисниците можат да се приклучат на интернет. Се напојуваат по пат на соларни панели, а ноќе светат. За своите купувачи Мрвош може и да го ограничи прометот по корисник и да одреди на кои интернетски страници може да се пристапи.

Иако некои се скептични, па велат дека многумина не сакаат во лето да се „пржат на клупи”, Мрвош ги уверува дека тоа не може да се случи, бидејќи неговите клупи имаат систем на ладење.

Клупите, како што вели Мрвош, имаат вградено големи вентилатори низ кои минуваат 350 кубни метри воздух на час, па така клупата не е жешка. Тој потенцира дека во нив се вградени и сензори кои постојано мерат колкава е температурата на седиштето и ја прилагодуваат, па така клупите се пријатни за седење.

Освен тоа, според Мрвош, клупите имаат и дополнителни сензори па ја мерат и влажноста и квалитетот на воздухот, како и тоа колку корисниците ги полнеле телефоните и колку долго биле на интернет.

– Клупата препознава кога врне дожд или паѓа снег и автоматски се гаси. Купувачите сами можат да бираат кога сакаат да се пали ноќното светло и можат да бираат боја во која ќе свети. Во неа вградивме и ГПС, а сега ја завршуваме и последната верзија на софтвер. И клупите, како мобилните, често ќе се надоградуваат, тврди Мрвош.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail