Панел дебата „Да инвестираме во тинејџерките“

WPD-foto-3.jpg

Да се подигне свеста во јавноста за потребата од инвестирање во тинејџерките, како и да се отвори дискусија со сите засегнати страни на национално ниво, истакнаа денеска учесниците на панел дебата насловена „Да инвестираме во тинејџерките“, која се одржа во организација на Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во Скопје, во рамки на одбележувањето на 11 јули, Светскиот ден на населението.

Постојаниот координатор на ОН и постојан претставник на УНДП и УНФПА, Луиза Винтон рече дека тинејџерките многу помалку од тинејџерите почнуваат или завршуваат средно училиште, а половина од сите полови напади во светот се вршат врз девојчиња на 15 годишна возраст или помлади.

Во земјите во развој, посочи, една на секои три девојки се мажи пред да наполни 18 години и многу често тинејџерките стануваат мајки кога се уште се деца.

– Предизвиците не се ограничени само на земјите во развој, затоа што гледаме слични шаблони и овде во Македонија. Раните бракови остануваат превалентни со 11 проценти од девојките кои се мажат пред да наполнат 18 години. Стапката на породување кај адолесцентните девојки, иако на општо ниво е 1,3 проценти, кај ромските адолесцентки изнесува 9,4 проценти, а ограничениот пристап до сексуално образование и контрацепција уште повеќе го нагласува ризикот од несакана бременост, рече Винтон.

Додаде дека ваквите локални предизвици објаснуваат зошто ОН се во толкава мерка посветени на обезбедување за тинејџерките да добијат средства и можности за реализација на своите права и да носат одлуки во врска со својот живот.

WPD-foto-4

Сања Саздовска, државен советник во Министерството за здравство, истакна дека во соработка со граѓанскиот сектор и меѓународните организации ќе се заложат за уште поголемо актуелизирање на оваа тема особено во делот на достапност на здравствените услуги на младите и нивната потреба кога се зборува за сексуално и репродуктивно здравје.

Последнатата спроведена студија за здравствено однесување на децата од училишна возраст на Светската здравствена организација, потенцира Саздовска, укажува за недоволната информираност на адолесцентите и младите луѓе, за можните ризици од ризично сексуално однесување, како и за начините да се заштитат од непланирана бременост и сексуално преносливи инфекции.

Појасни дека од студијата може да се заклучи дека само три проценти од девојките на 15-годишна возраст во Македонија се сексуално активни, споредено со момчињата кај кои тој проценти изнесува 36.

– Како Министерство за здравство постојано преземаме иницијативи да се зголеми информираноста на младите за употреба на заштита од сексуално преносливи инфекции, навремено одење на прегледи на лекар, избор на матичен гинеколог, користење на услугата „Ало докторе“, и други мерки кои се значајни за младите, а се однесуваат за нивното здравје, додаде Саздовска.

На панел дебатата учествуваа претставници на државните институции во Македонија, на ОН, на невладиниот и академскиот сектор и на меѓународни организации.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.