Пчелиниот отров природен ботокс, лек за канцер, кожни болести и епилепсија

pcelen-otrov.jpg

Природен ботокс, лек за остеопороза, кардиоваскуларни и кожни болести, канцер, мозочни удари, епилепсија, се само некои од својствата што му се припишуваат на пчелиниот отров т.н. апитоксин.

Апитоксинот во светски рамки наоѓа широка примена и e се попопуларен. Собирањето е пракса, а фармацевтската индустрија го откупува по 130 американски долари за грам, но бара да има исклучителен квалитет.

Во Македонија засега пчелин отров собираат само 20 пчелари. На домашниот пазар никој не откупува зашто нема софиситицирана опрема за користење. И надвор нема пласман, бидејќи странските компании се уште испитуваат дали е произведен органски, под т.н. био услови. Сепак, контакти со некои откупувачи (од Германија, Грузија, Хонг Конг) полека се воспоставуваат.

– За да произведе пчелин отров, пчеларот треба да има најмалку 50 пчелни семејства (сандаци). Неопходна е и посебна електронска апаратура со колектори или панели што создаваат електровибрации. Тие всушност ја иритираат пчелата да го исфрли отровот. Пчелата исфрла две тритини од отровот, а една третина задржува за себе, за самоодбрана. Тоа значи дека останува жива зашто не го откинува осилото како кога боцка луѓе или животни (случај во кој, осилото, поради засеците, останува во кожата, односно се откинува од дебелото црево на пчелата и таа угинува), вели Томислав Рушков кој две години се занимава со производство на апитоксин, а органски произведува и други видови пчелни производи.

Собирањето пчелин отров е најсоодветно од април до октомври, кога пчелите се активни. Најмногу и најквалитетен отров исфрлаат младите пчели.

– Од еден сандак што има најмалку 30.000 пчели, може да се соберат 0,3 до 0,7 грама отров што потоа се складира во посебни тегли. Теглите мора да бидат од обоено стакло или да се заштитат со алуминиумска фолија од сончева светлина. Во спротивно, се губи квалитетот на отровот. Бојата на отровот која е природно белузлаво-сивкаста, под дејство на сончева светлина потемнува, објаснува Рушков.

Пчелиниот отров е течност која за пет до десет минути станува кристална супстанца, слична како солта.

– Откако ќе исфрли дел од отровот, пчелата е помедоносна, се зголемува приносот, количеството на собран нектар од поленот. Со исфрлање на отровот, пчелата и комплетно се чисти од крлежите кои природно ги има на себе. При електровибрацијата, сама ги исфрла од нејзиното тело со нозете, истакнува Рушков.

Процесот на собирање пчелин отров воопшто не е едноставен и поради тоа, пчеларите на почеток биле скептични. Се плашеле дека пчелите можеби ќе угинат или ќе напаѓаат зашто при иритирањето со електровибрациите, некои стануваат агресивни.

– Повеќето пчели не се агресивни. Го исфрлаат отровот и си заминуваат. Има пчели кои се агресивни во пречник од 30 до 50 метри. Тие може да нападнат и луѓе и добиток. Сепак, за кратко време се смируваат,… Како и да е, треба доволно едукација и тоа го правиме континуирано, потенцира Рушков.

Анализите и испитувањата на апитоксинот засега се прават во западноевропските земји и се релативно скапи.

– Имам потпишано договор со 20 наши пчелари кои собираат отров, но во мали количини. За овие две години имаме собрано околу 300 грама отров што се чува согласно меѓународните, стандардизирани, упатства за да не се изгуби квалитетот. Паралелно, во контакт сум со две лаборатории за анализа, едната во Хрватска, а другата во Австрија. Во однос на продажбата, целта ни е да обезбедиме сигурен откупувач што ќе ни овозможи да планираме производство и во наредните години. Интерес има, но се трудам да изборам висока цена за да бидат наградени пчеларите, да бидат задоволни и догодина повторно да собираат, па дури тоа да им биде и основен производ, напоменува Рушков.

Тој веќе воспоставил соработка со Албанија од каде го чека сертификатот за производство и трговија, а во тек е и процедурата во Косово.

– Собирањето пчелин отров во светот е пракса. Дури, и британското кралство семејство користи козметика на база на пчелин отров. Се смета дека поради тоа кожата на кралицата изгледа толку нежна и свежа. Во крема за тело или лице се ставаат 0,1 – 0,8 грама, зависно од намената. Тој што ги користи, секако, не смее да биде алергичен, открива Рушков.

Засега, пчелиниот отров најмногу го бараат фармацевстките компании од САД, Англија, Германија и скандинавските земји.

Според податоци од Лекарската комора, апитоксинот е сличен на змискиот или отровот на атлантската медуза. Содржи 75 – 80 отсто протеини и пептиди. Составен е од 18 биолошко активни супстанци, минерали, ензими, слободни аминокиселини и масти.

Пчелиниот отров се користел уште во стар Египет, Грција, Кина, пред повеќе од 5.000 години, а го спомнува и Хипократ во своите белешки (советува убоди од пчели кај одредени состојби). За апитерапија се зборува и во санскритските текстови (Веда), Библијата и Куранот.

Мирјана Чакарова

извор: МИА

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail
Top