Платите во образованието се зголемуваат за 15 отсто од септември

20200826123605.jpg

На средбата, што се одржа во Министерството за образование и наука, се допрецизирани и колективните договори и договорено е во иднина при креирањето на буџетот заеднички да се разговара со синдикатот.

По неколкучасовни преговори вечерва Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука (МОН) ги приближија ставовите и се договорија платите на вработените во образованието од септември да се зголемат за 15 отсто и да нема кратење на платите за периодот додека траеше штрајкот. Истите работи ќе важат и за вработените во градинките.

На средбата, што се одржа во Министерството за образование и наука, се допрецизирани и колективните договори и договорено е во иднина при креирањето на буџетот заеднички да се разговара со синдикатот.

Препораките од помирувачот ќе бидат претставени пред членството на Синдикатот, а претседателот на СОНК Јаким Неделков се надева дека ќе бидат прифатени по што најдоцна за 10 дена треба да биде потпишана спогодба меѓу СОНК и МОН.

– Се надевам дека членството ќе ги прифати препораките од помирувачот – изјави Неделков по состанокот.

Со ова на истекот на законскиот рок, двете страни со потсредство на помирувач назначен од Министерството за труд и социјална политика, најдоа заедничко прифатливо решение за барањата на Синдикатот.

Штрајкот во градинките и училиштата почна на 11 април со барање за зголемување на платите од 18,4 проценти. На 28 април штрајкот беше ставен во мирување откако синдикатот доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека МОН бара мирно решавање на работниот спор со посредство на медијатор. По назначувањето на медијаторот, почна процесот на помирување меѓу СОНК и МОН кој на истекот на законски утврдениот рок од 20 дена заврши со усогласување на ставовите на двете страни.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail