ПОЧНА АКАДЕМСКАТА ГОДИНА НА УКЛО

POCHNA-AKADEMSKATA-GODINA-NA-UKLO.jpg

ПОЧНА АКАДЕМСКАТА ГОДИНА НА УКЛО

Почетокот на новата академска година пригодно е означен на сите единици на УКЛО, а централното одбележување се одржа на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид.

Ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски присуствуваше на првиот академски час што се одржа во еден исклучителен и несекојдневен амбиент, во дворот на црквата Св. Софија. Во својата порака упатена  до сите 1100 нови студенти, тој истакна дека Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола со сета свесност и одговорност за  новото „нормално“ време што сите го живееме и силно чувствуваме, останува посветен на своите студенти и вложува максимални напори  за да понуди соодветни алтернативи и повеќе модалитети за непречено одвивање на процесот на учење. „Денес, знаењето, повеќе од кога било, е императив и најважен ресурс којшто светот го дели на богати и сиромашни, на развиени и неразвиени. А нашиот подмладок, студентите се на онаа возраст кога треба интензивно да стекнуваат знаење и вештини и така да бидат авангардниот дел што го движи нашето општество и светот воопшто.“

Изборот за одржување на централниот настан на ФТУ, не е ни малку случаен. Духовната и традициска поврзаност со првиот Словенски универзитет, годинава е надополнета со одбележувањето на јубилејните педесет години од постоењето на ФТУ.

Во амбиент на отворено, срдечно добредојде за новата генерација студенти се одржа и на Факултетот за безбедност – Скопје, настан на кој присуствуваше и министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска.

Претходно, ректорот Коруновски и претставници од раководството на УКЛО на  дисперзираните студии од Правниот факултет во Битола, заедно со деканот проф. д-р Горан Илиќ, направија обиколка на  комплетно реновираните простории.

Инаку, УКЛО пред почеток на академската година изработи Стратегија за реализација на наставно-образовниот процес во услови на пандемија на коронавирус за академската 2020/2021, документ што нуди разработени концепти во функција на опциите за реализација на наставно-образовниот процес, сообразени на спецификите на одделните високообразовни институции. Покрај Стратегијата, УКЛО усвои и Кодекс за комуникација при учење на далечина, со почитување на академските слободи, права и обврски.

Извор: УКЛО

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail