Почнува Фестивалот на нов британски филм „PlayUK“

playuk.jpg

Во организација на Британскиот совет и Младинскиот културен центар, од денеска до 19 февруари ќе се одржува Фестивалот на нов британски филм „PlayUK“ на кој премиерно ќе бидат прикажани десет играни и документарни филмови од современата британска продукција.

Фестивалот ќе биде отворен со продолжението на култниот филм „Т2 Трејнспотинг“ (Trainspotting) во кино „Милениум“, а во наредните денови проекциите ќе бидат во киното „Фросина“.

На програмата на „PlayUK“ се и: „Градот Лондон“ – документарец за животот на работничката класа во предградијата на Лондон во 1979; драмата „Уна“ – емотивна приказна за млада жена која почнува романтично патување во потрага по нејзиното минато; играниот документарец „Признание“ – за ширењето на џихадот во современиот свет и реакцијата на Западот.

Фестивалот го донесува и филмот „Слободна стрелба“ – за банди во Бостон во 1970-тите;  драматичната комедија „Патувањето“ – инспирирана од точката на пресврт во британската и ирската историја; ремек-делото „Белешки за слепилото“ – филм кој го истражува внатрешниот свет на слепилото и прикажува „свет над видот“ вклучувајќи ги и соништата, сеќавањето и имагинарниот живот.

На „PlayUK“ ќе бидат прикажани и комедијата „Вештините во животот на возрасните“ – приказна за самодовербата и гордоста; „Човекот од Mo’Wax“ – документарец за животот и кариерата на музичкиот продуцент Џејмс Лавел,  и „Најдоброто од нив“ – филм кој раскажува за патот на млада жена во хаосот на војната во Лондон во 1940 година.

Покрај во Скопје, фестивалот ќе се одржува уште во пет градови во регионот – Белград, Подгорица, Призрен, Сараево и Тирана.

– Филмовите кои ќе се прикажат за време на четирите дена во шест градови од регионот во рамките на фестивалот „PlayUK” ја слават човековата издржливост и способноста за изнаоѓање вистински одговори и решенија во тешки времиња, соопштија организаторите.

Целата програма на фестивалот е достапна на веб-страниците на Британскиот совет во Македонија и на Младинскиот културен центар: www.britishcouncil.mk/PlayUK и www.mkc.mk.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail