Половина од новите автомобили во Норвешка се на електричен и хибриден погон

EV.jpg

Можеби звучи парадоксално за државата која е најголем производител на нафта во Западна Европа, но Норвешка усвои политика на поттикнување на купување на одржливи возила кои ќе бидат ослободени од плаќање даноци

Норвешка која веќе во светот има најголем број на електрични автомобили во однос на своето население, минатата недела објави дека електричните и хибридните автомобили претставуваат половина од новите регистрирани автомобили досега во оваа година.

„Ова е пресвртница за норвешките патишта и за возниот парк на електрична енергија. Ова покажува дека политиката на одржлив транспорт навистина функционира.“, изјавил норвешкиот министер за клима и околина, Видар Хелгесен.

Електричните автомобили имале удел од 17,6% во вкупниот број на регистрирани нови возила во јануари, додека процентот на хибридни автомобили изнесувал 33,8%, кои вкупно прават 51,4%, како што најавува националниот совет за промет на патиштата.

Во февруари процентот забележал мал пад, но сепак останал на високо ниво од 15,8% за автомобили на електрична енергија и 32% за хибридни возила.

Можеби звучи парадоксално за државата која е најголем производител на нафта во Западна Европа, но Норвешка усвои политика на поттикнување на купување на одржливи возила кои преку програмата ќе бидат ослободени од плаќање на секакви даноци. Додека автомобилите со мотори на внатрешно согорување значително се оданочуваат, електричните возила се ослободени од речиси сите даноци.

Нивните сопственици исто така уживаат многу бенефити, како слободен пристап до патарини, транспорт на траекти, бесплатен јавен паркинг, како и можност да возат во сообраќајните ленти наменети исклучиво за автобуси.

Меѓутоа, поради ограничениот опсег и високите цени за поголемите модели како на Tesla, електричните автомобили се соочуваат со конкуренција од хибридните автомобили кои пак бележат се поголема популарност.

Продажбата на овие автомобили, кои имаат комбинација од мотори со внатрешно согорување и електричен мотор, е зголемена со доаѓањето на подобри модели, како и промена на норвешкиот даночен систем, со стапки кои сега се насочени кон емисиите на штетни гасови, а не на силата на моторот.

Норвешка сака да ja намали емисијата на јаглерод диоксид од новите автомобили до 85 грама на километар до 2020 година, а оваа цел речиси е остварена. Во февруари оваа година емисијата на штетни гасови изнесувала 88 грама по километар, во јануари пак 84 грама по километар, во споредба со 133 грама по километар во 2012 година, кога била донесена одлуката.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail