Полска ги објави лицата на одговорните за најголемото злосторство во историјата на човештвото

mkd-305583.jpg

Полскиот Институт за национално сеќавање (ИНР) на интернет ги објави имињата на нацистичките команданти и стражари во логорот на смртта Аушвиц-Биркенау за време на германската окупација на Полска во Втората светска војна.

На листата има околу 9.000 имиња, речиси сите германски, а покрај некои има и фотографии.

ИНР се надева дека на овој начин ќе докаже дека со Аушвиц управувале Германците, а не Полјаците. Во логорот биле убиени над еден милион луѓе, најмногу Евреи, но жртви биле и Полјаци, Роми и политички затвореници.

На листата се информации за командантите и стражарите на СС кои работеле во Аушвиц-Биркенау, нивните имиња, местото и годината на раѓање, националноста, податоци за воената служба и таму каде што било можно и фотографија.

Директорот на ИНР Јарослав Шарек вели да списокот би требало да помогне за Аушвиц повеќе да не се зборува како за полски логор. Се најавува дека Институтот ќе направи слична листа и за останатите нацистички логори во окупирана Полска.

Делот кој се однесува на командантот на логорот Рудолф Хес, кој со него управувал од 1940 до 1943, содржи и фотокопија од смртната казна која во 1947 година му ја одредил полски суд.

Полска веќе со години се обидува да докаже дека е погрешно логорите да се нарекуваат „полски“ исклучиво поради нивната географска положба.

„Базата на податоци е достапна на пет јазици и служи како оружје во борбата против лагите“, истакнува Шарек.

Советските сили влегоа во Аушвиц на 27 јануари 1945 година. Нацистите избегале неколку дена претходно и го оставиле речиси недопрен.

На неславната листа, покрај Германците, има и припадници на неколку други народи, особено од оние кои во Втората светска војна имале режими лојални на Хитлер.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail