Последна недела за аплицирање за Codefest Marathon 2017

CF17-FB-Posts-07-1024x768.png

Доколку сеуште не сте аплицирале за технолошкиот маратон Codefest кој овој 7-9 април во хотелот Инекс Горица во Охрид ќе го одржи своето 5-то издание, имате уште една полна недела да го направите истото. Апликациите за тимовите кои ќе се натреваруваат на Codefest Marathon 2017 се затвораат на 28 февруари. Формуларот за аплицирање за Маратонот е достапен на следниот линк: http://teams.codefest.eu. Настанот е основан и организиран од страна на СТАРТАП ЗОНА.

 

Наградниот фонд на Codefest Marathon и оваа година ќе изобилува со наградни пакети кои на тимовите ќе им помогнат во понатамошната реализација на нивните проекти, но и за личен професионален напредок. Меѓу наградите се споменуваат ваучери за Microsoft Azure за секој избран тим, BizSpark програми на Microsoft во наградниот фонд, бесплатни курсеви, лиценци, стипендии, софтвер, хардверски уреди, патувања за учество на конференции и настани низ Европа, и сл. Оваа година за прв пат се најавува и парична награда за најдобрите.

 

Codefest Marathon е 32-часовен натпревар во развој на иновативни и креативни технолошки идеи кој годинава за прв пат освен за студенти, е отворен во три категории: млади (до 16 години), студенти (од 17 години до мастер студии), и професионалци (вработени, freelancer-и, или не било кој начин, не-студенти). Учесниците ќе се натпреваруваат за победа во секоја од овие категории засебно. За аплицирање на Маратонот потребно е да имате тим од 2 до 5 члена и да имате креативна и иновативна технолошка идеја на која досега не сте работеле. Услов за учество е за прв пат идејата да ја развивате во рамките на настанот во тие 32 часа.

 

Покрај бројните новитети најавени за ова јубилејно издание на Codefest Tech Festival, на кој составен дел е самиот Codefest Marathon, досега се најавени и две големи имиња од глобалната технолошка и стартап сцена. Првично беше најавен Ралф Ешмендиа, познат етички хакер кој работи во Холивуд со режисерот Оливер Стоун како технички директор и супервизор на филмски остварувања како Snowden, Savages, и серијата Mr. Robot. Неодамна беше најавен и Џон Бигс, уредник на познатиот технолошки магазин TechCrunch во САД, чие доаѓање на Codefest Tech Festival е поддржано од Швајцарската програма за претприемништво (Swiss Entrepreneurship Program), проект на Швајцарската влада и Swisscontact.

На настанот ќе присуствуваат и повеќе претставници од инвестициски фондови од Европа меѓу кои се издвојува директорот на Wayra UK, кој воедно е и дел од жирито на Маратонот. Реномирани експерти од повеќе области ќе ја имаат задачата да ги менторираат тимовите и да се погрижат нивните проекти да ги добијат најдобрите совети и поддршка.

По повод овој Codefest Tech Festival денес прв пат официјално се најавува и соработката на Стартап Зона со Фондот за иновации и технолошки развој, кој се јавува во улога на институционален покровител и коорганизатор за ова јубилејно издание на настанот.

Во рамките на Codefest технолошкиот фестивал овој април покрај Маратонот ќе се одржи и еднодневната конференција Codeference за која билетите се веќе достапни, како и CFX-Business Expo, кое претставува мини саем за компании и претставници на ИТ бизнис индустријата.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail