Правен факултет по трет пат организира Денови на симулирано судење

b4ac33f6fe81d54ed9a9247555ae868c_XL.jpg

По трети пат, со што и традицијата не само што е востановена, туку и се одржува, Правниот факултет при УГД ги одржа Деновите на симулирано судење. Тимови од студенти од пет правни факултети во Р Македонија во судницата на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип според однапред одредени правила и критериуми симулираа судења базирани на вистински случаи.

– И оваа година со поддршка на Амбасадата на САД во Македонија со овие Денови на симулирано судење го промовираме владеењето на правото, преку подготовката на студентите од петте правни факултети во делот на успешна симулација на предметите кои имаа обврска да ги подготват. Се работи за предмети од областа на организираниот криминал преку кои студентите ќе имаат можност да ги промовираат своите знаења и вештини во делот на имплементирање на одредбите од Законот за кривичната постапка. Кривичните предмети кои секој правен факултет ги доби оваа година имаа можност преку користење на своите знаења во делот на воведните говори, преку кои всушност се промовираат ораторските вештини, комуникацијата, понатаму преку имплементирање на одредбите во делот на директно и вкрстено испрашување, завршните зборови, испитување на странките, сведоците, вештите лица, да ги промовираат своите комуникациски вештини, бидејќи еден од условите за успешно имплементирање е делот на ораторските способности и вештини. Вториот дел се однесува на содржината, квалитетот во делот на пишување на поднесоците кои се однесуваат на конкретниот предмет. Студентите имаат обврска да достават свои поднесоци кои како втор дел ќе бидат оценувани од посебна комисија, во која годинава има виш јавен обвинител, судија и адвокат. Се надевам дека на овој начин студентите ќе имаат одлична можност да ги промовираат своите знаења, бидејќи на овој начин всушност се градат капацитетите и на образовниот, а истовремено и на правосудниот систем во Р Македонија – изјави проф. д-р Лазар Нанев.

Универзитетот „Гоце Делчев“ секогаш ги поддржува активностите на факултетите кои даваат значаен придонес за развојот на студентите со нивно вклучување во конкретни практични активности од соодветната област на студирање, потенцираше ректорот на УГД, академик Блажо Боев:

– Ова е традиционална активност на Правниот факултет, која мислам дека е добра пракса за студентите да го претстават своето знаење, она што го научиле, и мислам дека е значајно во поглед на збогатување на нивното знаење со искуство за да можат да се вклучат во реалниот сектор, без многу подготовки и дообуки и едукации. Правниот факултет беспрекорно го организира овој настан во нашата судница, која е од ранг на судници кои се со услови за одвивање и на реални судења, не само симулациски. Правниот факултет е еден од ретките кои имаат вакви услови, изградени судници, и затоа е добро што вакви настани се организираат на нашиот Правен факултет, со цел изучување на судската пракса, имплементирање на инструментите на владеење на правото и правната држава. Мислам дека кадрите кои ги подготвуваме во оваа наша установа ќе бидат добро изградени правници кои ќе можат да се справат со она што значи правда и владеење на правото и на правната држава.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail