Предавање „Од Мартин во Мартиноски“ во галеријата Мала станица

martin-martinovski.jpg

Од Мартин во Мартиноски“ беше насловено предавањето на проф. д-р Кирил Пенушлиски, автор на монографијата „Никола Мартиноски до 1945“ која Националната галерија на Македонија ја промовираше пред десетина дена во рамки на „Месецот на Никола Мартиноски“.

Пенушлиски го одржа предавањето за ученици од Државното средно училиште за ликовна уметност „Лазар Личеноски“ – во галеријата Мала станица, каде до 10 јуни е отворена изложба на дела кои Мартиноски ги создавал во најраната творечка фаза 1919-1929, и кои во 90 проценти се од приватни колекции.

– Никола Мартиноски е еден од основоположниците на ликовната уметност во Македонија, јас би одел и чекор натаму и би рекол основоположник, рече Пенушлиски. На учениците им ги разјаснуваше особеностите на творештвото на Мартиноски, кој првите лекции во ликовното образование ги добил во ателјето на последниот македонски зограф Папрадишки.

Зборуваше за влијанијата што го оформиле неговиот ликовен израз, за разликите меѓу академските, релистични дела, од периодот кога Мартиноски бил на Ликовна академија во Букурешт, и експресионистичките дела под влијание на неговиот престој во Париз 1927-1928 – период кога во светскиот центар на уметноста создавале Брак, Душамп, Матис, Пикасо…

Слика Мартиноски

Некои дела од Мартиноски изложени во Мала станица првпат се презентираат пред македонската јавност. Најстари меѓу нив се два пејзажа масло на платно од 1919/1920 кога Мартиноски бил во работилницата на Папрадишки.

Од парискиот период се изложени единствени шест зачувани слики, меѓу кои и маслото на платно „Женски акт со шапка“ од 1928, значајна по тоа што авторот првпат се потпишал како Мартиноски. Претходно го ставал семејното презиме: Мартин. Според Пенушлиски, сликарот го направил тоа од национални побуди, за да го истакне чувството на Македонец и да покаже дека и во Македонија има важни уметници. Оваа слика, како и шест други, се во сопственост на Музејот во Смедерово во Србија. Овој музеј поседува  дела и од други автори на модерната македонска уметност, меѓу кои и девет од Лазар Личеноски.

На изложбата во Мала станица се претставени и дела на Мартиноски создадени по враќањето од Париз во Скопје, меѓу нив „Циганка која пие кафе“ од 1928 година – прва од сликите со повторувачкиот мотив „Циганка“. Пенушлиски појасни дека сликањето Роми кај Мартиноски е од седумте години во Букурешт каде често Роми биле модели за студентите на Ликовната академија.   Во 1929 Мартиноски имал прва самостојна изложба во Скопје, која била неуспешна и со една продадена слика, затоа што  експресионистичкиот ликовен израз бил туѓ за вкусот и разбирањето на тогашната скопска публика.

Но во овој период е значаен придонесот на Мартиноски за заживување на ликовната сцена во Скопје, преку организирање самостојни и групни изложби, гостувања на уметници итн. Мартиноски учествувал во формирањето на Здружението на ликовни уметници од јужна Србија и на Друштвото на пријатели на уметноста „Јефимија“ во Скопје, кое дејствувало од 1930 до окупацијата во 1941, и ги организирало сите ликовни случувања во Скопје.

Пенушлиски предавање

Историчарот на уметноста Кирил Пенишлиски (1977) повеќе години истражувал по архивите во Македонија, но и во другите југословенски републики, трагал по колекции кои повеќе не постојат, евидентирајќи ги сликите на Мартиноски за кои не се знаело каде се. Од неговиот труд произлезе монографијата во издание на НГМ – „Никола Мартиноски до 1945“ која беше промовирана овој месец. Авторот најави и втор дел кој ќе го опфати творештвото на Мартиноски од 1945-та до неговата смрт во 1973 година.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail