Премиерна изведба на проектот „Македонисимо“ на Симон Трпчески во Германија

simon.jpg

Македонскиот пијанист Симон Трпчески најавува светска премиера на неговиот најнов проект со музика од Македонија, насловен „Македонисимо“, која ќе се случи на 18 мај на Фестивалот во Лудвигсбург, Германија.

– Станува збор за проект со македонска музика на кој му се радувам искрено, како на мало дете. Многу долго време работев на него во мојата глава, од големиот број обврски до сега немав можност да го реализирам, но среќен сум што конечно се случува. На 18 мај на Фестивалот во Лудвигсбург, Германија, овој проект ќе ја има својата светска премиера. Јас го отворив овој фестивал минатата година, заедно со музичкиот уметнички директор, финскиот диригент Пиетари Инкинен, вели Трпчески во интервјуто за Македонското радио.

Станува збор за проект, како што појаснува Трпчески, што вклучува сплетови од македонски ора со неколку песни кои би донеле еден шарм на целата инструментална димензија на овој проект. – Тие сплетови јас лично ги избрав и конципирав и при тоа би сакал да им се заблагодарам на вработените во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ за нивниот професионален придонес, совети, информации и материјали што ми беа од огромна помош, како и на вработените во Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, кои исто така ми помогнаа во подготовката на овој проект. Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам и за повторната исклучителна соработка со македонскиот композитор Панде Шахов. Тој ја потпишува музичката обработка на овие прекрасни музички дела и со навистина голем ентузијазам влезе во целиот овој огромен проект од 80 минути музика, истакнува Трпчески.

Додава дека проектот вклучува квинтет, камерно видување на македонската музика, односно вклучува пијано, виолина, виолончело, кларинет, саксофон и кавал и еден цел сет удиралки.

На светската премиера во Лудвигсбург, покрај Трпчески ќе настапат и Александар Краповски на виолина (работи во Операта во Барселона), Александар Сомов од Бугарија на виолончело (водач на челисти во Стразбуршката филхармонија,Франција). На кларинет, саксофон и на кавал специјално за оваа прилика, ќе настапи Хидан Мамудов од Штип (кој живее и работи во Виена), а зад удиралките ќе биде Влатко Нушев.

Во исчекување на светската премиера на „Македонисимо“ Трпчески од почетокот на годинава концертираше во Швајцарија, на Флорида во САД, имаше деби со Кралскиот шкотски симфониски оркестар (во Перт, Единбург и Данди), рецитал на фестивалот во Баден Баден, Германија, а настапи и со Дрезденската филхармонија во новата сала во Антверпен, Белгија, како и во Келн и два концерта во Дрезден. Во Варшава и Катовице, Полска настапи како солист на Радио-симфонискиот оркестар на Франкфурт. Во Лвов, Украина концертираше со виолистот Александер Земцов кој овој пат настапи како диригент, во британската престолнина како солист на Лондонскиот симфониски оркестар под диригентската палка на нивниот нов гостин-диригент Франсоа Гзавие-Рот во „Барбикан центарот“, а во распродадениот „Ројал Алберт Хол“ и на гала концертот на „Класик еФ-еМ“. По втор пат настапи и во Богота, Колумбија, со челистот Даниел Милер Шот и со Оркестарот на Хале од Германија. Во мај се случија и вторите настапи со Шведскиот камерен оркестар, како и првото гостување во Палермо, Италија.

Трпчески синоќа учествуваше и вечерва ќе учествува на изведбата на Гершвиновата „Рапсодија во сино“ на два концерта во Вајмар, Германија.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail