Претставени активностите на Институтот за италијански јазик и култура „Данте Алигиери“

institut.jpg

Институтот за италијански јазик и култура „Данте Алигиери“ во Скопје и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност денеска имаат отворен ден во канцеларијата на Секретаријатот за европски прашања.

Организатори се Амбасадата на Република Италија во Македонија, Секретаријатот за европски прашања и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Италијанскиот амбасадор во Македонија Карло Ромео информира дека денеска во целиот свет се прославува раѓањето на големиот поет Данте Алигиери.  Истакна дека е важна промоцијата на италијанскиот јазик во Македонија и изрази благодарност до професорите кои работат во Институтот „Данте Алигиери“.

Тој ја потенцира важноста на програмата „Еразмус+“ во Македонија.
– Оваа програма е од огромно значење, особено за младите. Во 1992 година и јас бев дел од оваа програма во Франција и тоа беше прекрасно искуство. Ова е програма која многу вложува во областа на културата и образованието и сметам дека ваквите програми треба секогаш да се поддржуваат, истакна Ромео.

Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Дарко Димитров потенцира дека целта е да се зголеми промоцијата на италијанскиот јазик и култура и да се одбележи 30-годишнината од постоњето на програмата „Еразмус+“.

– Една од клучните цели на програмата „Еразмус+“ е зголемување на јазичните компетенции на младите луѓе, преку обезбедување мобилност во земји кои се во ЕУ, рече Димитров.

Појасни дека 20-тина студенти заминале во Италија на пракса и на работа. Факултетот од Куманово лани испратил студенти на тримесечна пракса во компании во Италија кои се занимават со осигурителен бизнис. Студентите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, од Катедрата за италијански јазик дел од своите студии ги поминуваат во Италија.

Претседателот на Институтот „Данте Алигиери“ Ладислав Цветковски информира дека има интерес за италијанскиот јазик и култура во Македонија.

– Интересот може да биде економски и од аспект на изучување и унапредување во студиите. Интересот е голем, но мислиме дека соработувајќи заедно ќе помогнеме повеќе. Нашата улога е да им помогнеме на сите заинтересирани квалитетно да го изучат италијанскиот јазик и да добијат информации што ги очекува таму, рече Цветковски. Во моментов во Институтот имаат 15-тина курсисти, а професорите се од Катедрата по италијански јазик при Факултетот „Блаже Конески“ во Скопје.

Институтот „Данте Алигиери“, кој работи од 1992 година, организира бесплатни јазични курсеви за деца во четири основни училишта во општините Центар и Карпош. Организираат јазични курсеви за сите возрасти и полагање за добивање на сертификатот „Plida“ за познавање италијанскиот јазик за сите нивоа. Тие исто така се залагаат италијанскиот јазик да влезе во  официјалните програми во основните и во средните училишта во Македонија.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail