Причината за аутизам можеби се крие во сосема друг дел од телото

autizam-1.jpg

Познато е дека стресот може да предизвика стомачни проблеми, но се случува и обратното – проблемите во стомакот можат да влијаат на мозокот.

Оваа двосмерна врска е можеби клучот за решавање на една од најголемите мистерии на медицината – аутизмот. Шеесет години по откривањето на ова пореметување, бројот на случаи вртоглаво се зголемил и Обединетите Нации проценуваат дека околу 70 милиони луѓе ширум светот имаат пореметување од аутистичниот спектар. Наспроти тоа, и натаму не се знаат ниту причината ниту лекот.

Но научниците доаѓаат до ветувачки откритија. Истражувањето покажало драстични разлики во билионите цревни бактерии, односно, микробиомот помеѓу децата со аутизам и оние без него. Згора на тоа, научниците од Калифорнискиот техолошки универзитет докажале дека поинаквиот бактериски состав навистина има влијание на аутизмот. Имено, во експериментот со глувци утврдиле дека терапијата со пробиотици ги ублажува симптомите и веќе планираат клинички испитувања на луѓе.

Денеска терапијата за аутизам се сведува главно на бихејвиорална терапија. Меѓутоа, наскоро можеби навистина ќе доаѓа во облик на пробиотици – живи, корисни бактерии како оние од јогуртот. „Ако го решите стомачниот проблем, можете да ги лекувате симптомите во однесувањето“, вели Пол Патерсон, професор по биологија на Калифорнискиот техолошки универзитет. Гастроинтестиналните проблеми се вообичаени кај децата со аутизам и се проценува дека од нив страдаат дури 90% аутистични деца. Тие имаат 3.5 пати повеќе шанси да страдаат од хронични дијареи или запеци во однос на здравите деца.

Следејќи ја оваа трага, научниците од Државниот универзитет во Аризона ги анализирале цревните бактерии во примероците на столиците кај децата со аутизам и без него. Воочиле дека аутистичните деца имаат многу помалку видови бактерии во цревата, што веројатно ги прави поподложни на патогените кои ја предизвикуваат болеста. И други студии ги потврдиле огромните разлики помеѓу микробиомите на здравите и аутистичните деца.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail