Прочистувач на воздух „City tree“ поставен во центарот на Скопје

procistuvac-na-vozduh.jpg

– Инсталација „City tree“, зелен билборд, чија цел е прочистување на воздухот, е промовирана денеска во центарот на Скопје. Станува збор за растителен филтер кој го компензира загадувањето од 417 автомобили на годишно ниво, може да се адаптира на секоја средина и има ефект како 275 дрвја, но не ги заменува.

Проектот за клима и заштита на климатските промени „City tree“ денеска во Скопје го промовираа НВО Екосвест и Германската амбасада. Ваква инсталација вчера беше промовирана и во Тетово.

Ана Чоловиќ Лешовска од НВО Екосвест истакна дека инсталацијата е направена од голем број индивидуални саксии во кои се поставени два вида растенија под кои има мов, а кои собираат ситна прашина, ПМ честички со големина од 10 и 2,5 микрометри, тешки метали, сулфурни и азотни оксиди, јаглерод моноксид, јаглерод диоксид, озон…

Таа ги повика граѓаните да не ги уништуваат растенијата затоа што, како што рече, тие си се потребни едни на други и да се сочува инсталацијата.

На промоцијата се обрати и германската амбасадорка Кристине Алтхаузер, која рече дека добар воздух, добра вода и неуништена животна средина се добра кои се поеднакво важни како во Осло каде е поставена ваква инсталација, така и во Скопје, Тетово и Битола.

– Со средства од климатскиот фонд германското МНР во 2016 година поддржа два проекта во Македонија, а еден од нив е „City tree“. За 2017 година се предвидени нови проекти, додаде Алтхаузер.

Секретарот на Град Скопје, Марјанчо Тодоровски се заблагодари за донацијата и рече дека овој иновативен проект го вбројува градот Скопје во редот на метрополите каде веќе е применет овој концепт.

– Градот Скопје е секогаш отворен за вакви иновативни проекти кои тангираат повеќе различни области, а посебно оние кои се однедуваат на животната средина. Се надевам овој билборд нема да биде последен и примерот на компаниите кои го поддржаа ќе го следат и други компании. Градот Скопје е секогаш отворен за да им излеземе во пресрет и да поставиме што повеќе вакви билборди за кои сите сме свесни колку ни требаат, истакна Тодоровски.

Изрази надеж дека главното влијание на билбордот ќе биде подигнување на свеста на граѓаните од аспект на тоа колку е важна животната средина, од аспект на големата опасност која доаѓа од климатските промени и како секој може да се вклучи во надминувањето на тие проблеми и да се создаде подобра животна средина.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail