Проект за обука за вработување на долгорочно невработени лица од социјален ризик

proekt.jpg

Подготвување на 40 лица од социјален ризик кои се долгорочно невработени и овозможување вклучување во социјалниот и економскиот живот, создавајќи приходи за себе предвидува проектот „Преземи акција за подобра конкурентност на пазарот на трудот“ финансиран од ЕУ, а во организација на Црвениот крст на РМ и Занаетчиската комора на град Скопје.

Министрот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими рече дека за вклучувањето на пазарот на трудот на социјално ранливи групи кои се евидентирани и како лица кои се подолгорочно невработени Министерството, предлага и имплементира мерки, активности, закони и стратегии кои се однесуваат на регулирањето на работните односи и нивно подобрување како и обезбедување социјална сигурност на лицата во социјален ризик.

– Социјалната инклузија и економското зајакнување на лицата во социјален ризик е интегрирано пред се во рамките на бројните оперативни програми и мерки коишто се спроведуваат години наназад и коишто даваат особени резултати, истакна Ибрахими.

Генералниот секретар на Црвениот крст на РМ Саит Саити појасни дека овој проект претставува дополнителна можност за Црвениот крст да го сврти вниманието на јавноста кон активности кои придонесуваат за исполнување мисија за помош и поддршка на ранливите групи на граѓани во Македонија.

– Од големо значење е тоа што овој проект обезбедува и психо-социјална поддршка на корисниците со цел зајакнување на капацитетите за личен раст и развој, но и поддршка на нивните семејства, прилагодени на нивните потреби, користејќи ги сите расположливи ресурси во заедницата, рече Саити.

Информира дека во Македонија, според официјални податоци, стапката на сиромаштијата кај невработените е висока, односно од сите евидентирани сиромашни лица процентот на невработени е висок. Според него врската за решение на невработеноста и сиромаштијата е поврзана и дека едниот проблем влијае врз решавање на другиот.

Претседателот на занатечиската комора Никола Петров појасни дека Комората ги обучува лицата и врши квалификација и предквалификација на кадрите при што учесниците ќе се стекнат со определени квалификации како што се знаење, вештини и компетенци, со цел, како што рече, да се задоволат потребите на пазарот на трудот.

На новинарско прашање за статусот на иселените лица од поплавите во домот „Сеник“ министерот Ибрахими рече дека тој ја почитува одлуката на Владата на РМ дека луѓето треба да се вратат во своите домови бидејќи биле обесштетени уште во ноември минатата година и дека имаат услови за живеење. За тие неколкумина што не можат да се вратат обезбеден е престој во домот „25 Мај“. Ибрахими рече дека имаат сигурни информации добиени од нивните комисии дека во објектот „Сеник“ престојуваат лица што не се од поплавените подрачја.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail