Промоција на книгата „Извештаи на рисот“ од Славе Ѓорѓо Димоски и Сергеј Андреевски

rissssssssssssssssss.jpg

Книгата „Извештаи на рисот“ од Славе Ѓорѓо Димоски и Сергеј Андреевски в среда ќе биде промовирана во галеријата на Младинскиот културен центар.

Се работи за оригинален и уметнички кохерентен проект составен од песни на Славе Ѓорго Димоски и цртежи на Сергеј Андреевски. Книгата на 44 странци содржи дваесетина песни од Димоски и исто толку цртежи од Андреевски, распоредени во неколку циклуси.

За делото ќе зборува проф. д-р Иван Џепаровски, а стихови ќе чита актерката Арна Шијак.

На промоцијата ќе може да се купат и единствените десет примероци од книгата што содржат оригинален цртеж, потпишан од Сергеј Андреевски, којшто ќе може да се врами.

Славе Ѓорѓо Димоски роден е во 1959 година во Велестово, Охрид. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Автор е на единаесет книги поезија, четири книги позија за деца и три книги со есеи. Негови песни, поетски циклуси и посебни книги преведени му се на триесетина јазици. За својата поезија добитник е на најзначајните државни и неколку интернационални награди. Живее во Велестово.

Сергеј Андреевски роден е во 1960 во Скопје. Неговите дела се дел од поставки на приватни колекционери и национални установи во земјава, и во странство (Германија, Франција, Словачка, Велика Британија, Турција, САД, Тунис, Египет, Јапонија, Кина, Индија, Јужна Африка, Австралија и др.). Тој е основач на меѓународниот центар за уметност и одржлив развој Арт поинт – Гумно со седиште во село Слоештица, во чии рамки успешно се реализира Уметничка резиденција со гости од сите континенти.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail