Промовирана нова генерација успешни електроинженери

magistri.jpg

На 310 нови инженери, вчеравечер, Факултетот за електротехника и информациски технологии на 54-тата свечена академија им додели дипломи за завршено високо образование или магистерски студии. Од нив, 210 се дипломирани студенти, а 100 магистри по електротехнички науки.

Деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, им потенцираше на инженерите дека Македонија секогаш има потреба од нив.

„Секогаш бидете свесни дека Македонија има потреба од Вас – луѓе кои ќе ги вложат своите потенцијали во развојот на oпштеството, лица кои ќе и помогнат на државата да го премости преодот од конвенционални кон обновливи извори на енергија и ќе ги внесат новите информациски и комуникациски технологии во сите области на делување. Ние се надеваме дека со Ваша помош, државата ќе ја подигнеме на уште повисоко научно ниво во нашата област.  Од друга страна, Вие дипломирани или магистри кои ќе одлучите да се вработите во нашите компании или институции, сигурен сум дека ќе го вложите стекнатото знаење и ќе го трансферирате во практични решенија“, рече професор Ташковски.

Министерот за образование, проф. д-р Рената Тренеска Дескоска порача дека државните институции ќе ги отворат вратите за студентите, а акцентот ќе биде ставен на мотивација на практикантите од ФЕИТ да ги споделат своите иновативни идеи.

Владата ќе ги отвори вратите за студентите од Македонија да можат својата пракса да ја остварат во државните институции и да работат на реални проблеми и проекти од делокругот на работата на институциите, каде што може да најдеме заеднички интерес. Намерата е да го цениме квалитетот и тој да биде одлучувачки за вработување, а не роднински врски и партиска припадност – изјави Десковска на свеченото доделување на дипломи на ФЕИТ.

Проректорот за финансии, инвестиции и развој, професор д-р Билјана Ангелова порача дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ како наjстар државен и најдобро рангиран Универзитет во Република Македонија продолжува да се труди да ги издигне своите квалитети на уште повисоко ниво и го истакна ФЕИТ како еден од најдобрите факултети на УКИМ.

„Новите технологии брзо се развиваат, стекнатото знаење мора да се надополнува. Образованието стана доживотно, посебно во делот на новите технологии.  Затоа Ве охрабруваме да го продолжите Вашето образование на магистерски односно докторски студии.  Нашиот Универзитет нуди голем број на атрактивни студиски програми на втор и трет циклус студии“, изјави Ангелова.

На Свечената промоција во Македонскиот Народен Театар, во име на сите дипломирани инженери и магистри, се обрати и студентот Дарко Мицев.

„Студирањето на Факултетот за електротехника и информациски технологии беше сплет од специфични ситуации, настани, интеракција, можност да се учи и соработува со најдобрите експерти во државата од областа на електроенергетиката, автоматиката, електрониката, информациските технологии, математиката… После успешно завршената борба со факултетот, се наоѓаме пред портите на реалноста.  Велат дека светот не е само сонце и виножито, дека знае да биде сурово место кое ќе не турне на земја и ќе не остави таму ако му дозволиме. Меѓутоа, благодарејќи на нашите втори родители – професорите, асистентите и демонстрантите, се чувствуваме подготвени да се соочиме со предизвиците кои ќе ни бидат дадени од животот“ – изјави Мицев.

На промоцијата, 38-те најдобро дипломирани инженери со просек над 9, освен со признанија, се здобија и со награди доделени од страна на ФЕИТ.

 

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail