Просечна оценка 3.42 во јунската сесија од државната матура

drzavna-matura.jpg

Средната оценка од полагањето на трите екстерни предмети во јунската сесија од државната матура за учебната 2015/2016 година е 3.42 и е повисока од минатогодишната просечна оценка од 3.37. Во јуни за државна матура беа пријавени 16.859 кандидати, од кои 8.729 во гимназиско, 7.866 во средно стручно и 264 во уметничко образование.

Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), деветтата генерација матуранти покажала најдобри резултати на тестот по странски јазик (француски, германски или руски) за кој средната оцека е 3.99. За испитот по англиски јазик ДИЦ објави засебна просечна оценка која годинава е 3.00.

Од трите екстерни предмети, задолжителен за сите матуранти е мајчин јазик (македонски, албански или турски) и литература, по кој годинава вкупниот просек е 3.66.

Министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу и директорката на ДИЦ Мируше Амети  на прес-конференција ги соопштија и просечните оценки од останатите екстерни предмети на јунското полагање државна матура: математика 3.29; естетика 3.72; филозофија 3.61; историја 3.45; физика 3.87; хемија 3.94; биологија 3.72 и бизнис 3.45.

Прелиминарните резултати денеска напладне ќе бидат објавени на огласните табли во училиштата и на веб-страницата matura.gov.mk. Приговори на резултатите може да се поднесуваат од денеска до 14 јули во училишните комисии. Конечните резултатите од полагањето во јуни ќе бидат објавени на 20 јули во училиштата.

Матурантите кои не биле тестирани во јунската сесија или не положиле некој од трите екстерни предмети, ќе полагаат во август и треба да се пријавуваат од утре до 21 јули. Полагањата во наредната сесија ќе бидат во деновите 15-ти, 16-ти, 17-ти и 18 август.

По конечните резултати и од августовската сесија, ДИЦ ќе објави ранг-листа на средни училишта според постигнувањата на државната матура за  2015/2016 година.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.