Прв студентски поетски фестивал на Педагошкиот факултет во Скопје

poetski-festival.jpg

По повод Денот на сесловенските просветители свети Кирил и Методиј, Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје денеска организираше прв поетски студентски фестивал на кој со свои книжевни творби учествуваа студенти од овој факултет и од десетина други од Скопје, Битола и Штип.

Беше промовиран и литературен алманах со 26 творби (песни и раскази на различни теми), насловен „На крилата на зборот“ – прво студентско објавување проза и поезија од сегашни студенти и од тие што веќе дипломирале на Педагошкиот факултет, кој е издавач на публикацијата.

Проф. Мите Спасевски истакна дека фестивалот е во чест на големото просветителско дело на Кирил и Методиј кое, рече, има историска димензија – македонска и сесловенска.

– Во тој дух сакавме да се вклопивме и ние со творечкиот потенцијал на нашите студенти, олицетворен низ литературниот алманах и со основоположништво на првиот студентски поетски фестивал кај нас. Мислиме, се надеваме и ќе работиме на тоа тој да биде традиционален и собиралиште на македонските студентски литературни творци, изјави Спасевски и очекува дека од учесниците на поетскиот фестивал ќе произлезат нови творци кои во иднина ќе ја претставуваат современата македонска литература.

Оваа година на фестивалот нема да се доделуваат награди, а од идната е во план тој да стане меѓународен и да се востановат награди за најдобрите творби.

Професорката по македонски јазик на факултетот Елизабета  Бандиловска  е задоволна од одѕивот на студентите кои од почетокот ја прифатиле идејата и, како што рече, масовно и позитивно одговориле на творечкиот предизвик.

– Имаме учество на 26 наши студенти – сегашни и веќе дипломирани, кои се претставија со свои оригинални творби. Планираме фестивалот да го продолжиме и идната година по повод 24 Мај и да промовираме нов алманах. Целта е да ги поттикнеме младите да творат затоа што од часовите, особено по  јазик  и литература, сфативме дека тие во себе кријат огромен творечки потенцијал кој останал на маргините. Дел од нив наменски ги напишале песните за алманахот, а дел веќе имале свои напишани творби и само чекале пригода да ги извадат на површина. Така што, драго ми е што на овој начин им излеговме во пресрет, додаде Бандиловска.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail