5460c4ee5f9847f4076f609166e1ebcc_XL.jpg

Над 500 кандидати се пријавија за запишување во прва година на факултетите и академиите на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, на првиот ден од првиот уписен рок. Со тоа започна трката за едно од 4404 слободни места на 12 факултети и три академии, а во првиот уписен рок документи ќе се поднесуваат до 2 септември.

  • Најголем интерес, според очекувањата, има на Факултетот за медицински науки, но и останатите факултети имаат задоволителен број на пријавени кандидати. Засега можеме да оцениме дека интересот е во рамките на она што се случуваше и во изминатите две-три години – изјави проректорот за наука, проф. д-р Кирил Барбареев.

Во врска со законската одредба за неможност за конкурирање на средношколците кои матурирале во учебната 2018/2019 година, а имаат само училишна матура, Барбареев истакна дека овде универзитетите можат само да го почитуваат законот, а дека пропустот е направен во неинформирањето на средношколците многу порано за законските измени.

  • Јас не навлегувам во концепцијата, тоа е одредба која е донесена во согласност со Законот за високо образование, но имајќи предвид дека голем дел од популацијата реагира, тоа кажува дека училишната популација не е соодветно информирана дека со таков концепт на завршена матура тие немаат право да се запишуваат, имајќи предвид дека во изминатите десетина години тоа не важеше. Значи, средношколците во четврта година требало да бидат информирани многу посоодветно, подинамично и пооперативно дека треба да внимаваат, треба да полагаат државна матура, дека без државна матура нема да можат да се запишат на факултет – вели Барбареев.

Првиот уписен рок продолжува на 27, 29 и 30 август и завршува во понеделник 2 септември.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail