FOTO-Nagradi-Srednoshkolci-ok-702x336.jpg

27 првенци на генерација, од 22-те средни училишта во Скопје, добија признанија и парични награди за остварениот училишен успех од Град Скопје.

Доделувањето на наградите е дел од традиционалната манифестација „Средба на првиот со најдобрите“ која Град Скопје ја организира 13-та година по ред.

На дел од наградените средношколци им ги поставивме следниве прашања:

  • Каде планираат да продолжат по средното образование?
  • Што недостига во образовниот систем?
  • Како се станува првенец на генерација?

Драгана Маринковска – првенец на генерација од СГГУГС „Здравко Цветковски“

„Мислам дека најпрво треба да имаш самодоверба, поставени цели и да ги следиш своите цели, тоа е клучот и е најважното.

Повеќе работи недостигаат во образованието кај нас, треба да има измени во наставните единици, во бројот на часови, пристапот на работа, можеби треба невладините организации повеќе да се поврзани со младите и средношколците и преку неформално образование да се поттикнуваат младите да размислуваат, за проблемите што ги имаат во општеството и да изнаоѓаат решенија.

Се надевам ќе се запишам на Универзитетот во Љубљана, планирам да го продолжам своето образование во областа архитектура.“

Сандра Јакимовска – првенец на генерација од АСУЦ „Боро Петрушевски“

„Првенец на генерација се станува со труд и со учење.

После средното, своето образование планирам да го продолжам според струката што ја завршив – на сообраќајно-транспортно инженерство на Универзитетот „Мајка Тереза“.

Мислам дека има многу повеќе предмети од што треба да има. Подобро би било да има помалку, но тие да се според струката што ја учиме и мислам дека треба да има постручен кадар.“

 

Јасир Љура – првенец на генерација од СУГС „8-ми Септември“:

„За да се стане првенец на генерација треба да си активен.

Планирам своето образование да го продолжам на Интернационалниот балкански универзитет, во струката машинско инженерство.“

 

 

 

 

Катерина Чобанова – првенец на генерација од СУГС „Марија Кири Склодовска

„Со добро балансирано време, доколку ги планираш обврските навремено, имаш време сè да постигнеш и можеш да станеш првенец.

Според мене учиме некои непотребни предмети, а не се фокусираме на тие што најмногу нè интересираат. Мислам дека секој после втора година треба да се определи која струка би ја сакал и да се посвети на тие неколку 5-6 предмети што би биле главни во иднина за неговата професија.

Планирам да запишам ‘Општа медицина’.“

Сара Трајковска – првенец на генерација од СУГС „Лазар Танев“

„Со многу труд, многу љубов и одење напред. Треба да го сакаш она што го правиш и ќе успееш во тоа.

Со тоа што го правев, добив практични вештини, станав иден професионален готвач. Научив професионално да се занимавам со она што сакам да го правам.

Можеби малку да се подобри квалитетот на опремата со која работиме, бидејќи училиштето располага со многу инвентар, но мислам дека може да се подобри сè повеќе и повеќе.“

Спасе Премчевски – првенец на генерација од СУГС „Јосип Броз Тито“

„Со многу напорен труд, со учење, секако дека треба да се биде добар кон професори за да создадеш добри впечатоци првично. Најважен е трудот и напорната работа.

Во образовниот процес најмногу треба да се изостават оценките, треба да се работи на знаењето, за да се подобриме ние како личности, сами за себеси, а не како некој да очекува од нас да имаме добри оценки и слично.

Се надевам дека ќе се запишам на ФЕИТ, бидејќи во таа насока сакам да го продолжам мојот живот.“

 

 

Мартин Колоски за radiomof.mk

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail