Работиме само за да се прехраниме

12.jpg

Секој трет граѓанин на Македонија живее во социјална исклученост, односно е сиромашен затоа што не може да ги плати сметките, да купи доволно храна, облека, обувки…да вози автомобил или да оди на одмор еднаш во текот на годината.

Седумдесет и четири проценти од Македонците живеат само од плата, 4 % од пензија, 16 % од пари на сопружникот или на родителите, 3 % со помош на кредити, а 2 % со пари од странство од роднини, покажуваат податоците од анкетата на Институтот „Фајненс тинк“, наречена „Крпен живот – што не можат да си дозволат граѓаните“.

Во неа, дури 42,1 %  од анкетираните се изјасниле дека им одат цели приходи за храна и за сметки, додека 28,4 %  рекле дека немаат доволно пари ниту за тоа.

„Оваа бројка од 28 % е блиску до националната стапка на сиромаштија која изнесува 21,5 % , што значи дека толкав дел од населението живее во сиромаштија, со помалку од 7.200 денари месечно или 120 евра. Според официјалната статистика на Државниот завод за статистика, 30,4 % од населението е материјално обесправено, бидејќи не може да си задоволи 4 од 9 основни животни потреби. Според тоа, уште е поголем делот на лицата кои не можат да си дозволат и помалку од основните потреби. На пример, 59 % не можат да јадат во ресторан еднаш месечно, 68 % не можат да отидат на културен настан еднаш месечно… 78 % не можат да си купат ново парче облека во текот на месецот, што значи дека овој дел од населението е и сиромашен и исклучен од општествените случувања. Да потсетам, според индикаторот АРОПЕ на ДЗС, 41,6 % од граѓаните во Македонија се сиромашни или социјално исклучени“, вели Деспина Туманоска од „Фајненс тинк“ .

Според анкетата на овој Институт, само 16,8 % од анкетираните се изјасниле дека имаат доволно пари и можат да ги намират сите потреби, а 12,7 %  рекле дека успеваат дури и нешто да заштедат. Шеесет и девет % се изјасниле дека не можат да одат на одмор или на некое патување еднаш во текот на годината, 76 % не можат да возат кола секој ден, а 34 %  рекле дека не можат да си дозволат ништо од горе наведеното.

Значи, добиените податоци од анкетата на „Фајненс тинк“ покажуваат дека во земјава „крпен живот“ живее секој трет граѓанин.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail