РАК НА ДЕБЕЛО ЦРЕВО: Годишно се откриваат по 500 случаи, 400 завршуваат фатално

kliniki-centar-majka-Tereza.jpg

Скрининг-тестовите се недоволно искористени, овој вид карцином се открива многу доцна. Ако се открие во порана фаза, излекувањето е 90 проценти.

Ракот на дебелото црево се открива во многу доцен стадиум, и покрај сите кампањи. Годишно 500 се новооткриени случаи, а 400 умираат. Ако заболувањето се открие во што порана фаза, тогаш излекувањето е 90 проценти.

Во 2015 година од вкупно 100.000 скрининг-тестови само 20.000 биле искористени.

Ова го истакнаа учесниците на едукативната трибина „Нови предизвици во лекувањето и третманот на ракот на дебелото црево и ректумот“, која денеска на Медицинскиот факултет ја организира Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“.

Претседателот на Здружението, Биба Додева, рече дека инциденцата за овој вид карцином, кој се открива во многу доцен стадиум, сѐ уште се зголемува и смртноста е на многу високо ниво. Македонија, нагласи, е на трето место по смртност од малигни заболувања.

– Пациентите кои имаат крвавење се соочуваат со проблеми со закажување прегледи на колоноскопија, имаме проблем со новата цитостатска терапија. Најавено е дека од оваа година ќе има достапност до некои лекови, но сѐ уште тоа во целата оваа ситуација е нејасно на кој начин ќе се одвива и кога. Тоа се одразува на грбот на пациентите кои овој период остануваат без соодветна терапија и сме без конкретно решение да изнајдеме што би можеле понатаму да направиме – истакна Додева.

Појасни дека соработуваат со сите релевантни фактори за да се надмине овој проблем со оглед на целата ситуација во државата, а секој може да биде пациент.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Никола Јанкуловски, кој е абдоминален хирург, рече дека ракот на дебелото црево е едно најчестите малигни заболувања и во последните 10 години бројот на новооткриени случаи годишно во Македонија изнесува околу 500, а бројот на починати е 400.

– Она за што се бориме е да се зголеми бројот и видот на скрининг-програмите кои се недоволно застапени во земјата. Ова заболување треба да биде откриено во што порана фаза кога излекувањето изнесува 90 проценти. Сѐ она што ќе се открие кај пациенти кои немаат симптоми претставува скрининг. Постојано се зголемува бројот на пациенти кои се јавуваат на превентивни прегледи – рече Јанкуловски.

Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека колоноскопија се работи во десетина јавни здравствени институции.

– Пред неколку години ги предложивме мерките што треба да се направат – да се зголеми бројот на стручни кадри, апаратура, колоноскопиите и да се направи распоред кој ќе овозможи побрза и ефикасна дијагностика – додаде Јанкуловски.

Продеканот за наука на Медицинскиот факултет – Скопје, Розалинда Попова-Јовановска, која е гастроентерохепатолог, рече дека многу е значајна колоноскопијата како метода бидејќи таа може да го детектира карциномот во многу ран стадиум.

– Апаратите имаат лимитирано време на користење. Би било добро кога би можело фреквенцијата на обновување на оваа апаратура да биде почеста и времето на чекање ќе биде многу пократко и ќе има поголема можност бидејќи има едуциран кадар кој може многу да работи, многу пациенти да прегледува. Лимитирани сме малку во однос на апаратурата. Секогаш е подобро ако може да се обновува апаратурата во почест временски интервал – потенцира Попова-Јовановска.

Конкретно на Клиниката за гастроентерохепатологија, истакна, би било добро секоја година да има најмалку по еден нов апарат. Појасни дека добро се опремени на Клиниката, но оти секогаш ризикот постои ако биде во дефект некој апарат или два во исто време. – Лимитирани сме со резервен апарат кој ќе функционира и добро е секогаш да има повеќе инструменти – додаде Попова-Јовановска.

Општиот хирург Светозар Антовиќ од Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, рече дека според нивните интерни истражувања, оперираат речиси половина од пациентите кои ги дијагностицираат. Посочи дека годишно околу 350 пациенти се оперираат на Клиниката.

– Од нашата документација, за жал, пациентите што ги оперираме се во трет стадиум на болеста и тоа 75 проценти, што значи болеста ги зафатила и лимфните јазли. Тоа е еден голем ограничувачки фактор за имплементирање нови техники на лекување на пример лапароскопијата како минимално инвазивна хирургија е ограничена заради тоа што имаме пациенти во многу висок стадиум на болеста – рече Антовиќ.

Потенцира дека се надеваат оти скрининг-програмите кои се имплементираат во Македонија ќе доведат до тоа да има пациенти со понизок стадиум на болеста. – Во 2015 година од вкупно 100.000 тестови само 20.000 беа искористени. Целта на овие трибини е да ги промовираме скрининг-програмите – додаде Антовиќ.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail