rakkkk.png

Ракот е излечлива болест. По тешката битка, животот продолжува понатаму, само позитивно и со позивитна мисла треба да се помине тој тежок период, порачаа денеска учесниците на првата регионална конференција „Имам една желба“ што се одржува во Струга во организација на здружението САНО.

На конференцијата учествуваат 40-тина деца од земјите од поранешна Југославија кои го победиле ракот и своите позитивни искуства ги пренесуваат на оние на кои најмногу им е потребно во моемтот, на болните дечиња и нивните родители.

Присутните ги поздравија министерот за здравство Венко Филипче, неговиот заменик Асим Муса, градоначалникот на општина Струга Рамиз Мерко и претседателката на здружението САНО Марија Тасев.

На пациентите болни од рак, според министерот Филипче, им треба многу силна поддршка, како за време на лекувањето, така и по лекувањето. Tокму учесниците на конференцијата им даваат подршка на другите пациенти за да ги надминат тешките денови. Најави дека на Клиниката за педијатрија почна проект за психолошка поддршка на најмладите пациенти, но и на нивните семејства.

„Во соработка со Институтот за психологија тој проект планираме да го примениме и на другите клиники каде што се лекуваат пациенти со онколошки заболувања. Сметаме дека ова исклучително позитино може да влијаа на лекувањето на пациентите. Тоа е влезено во многу протоколи и сериозно се занимаваме со тој дел. Сметам дека за кратко време со огромна поддршка на психолозите од Катедрата за психологија ќе се приклучат и овој проект ќе функционира на нашите клиники“, истакна Филипче.

Министерството за здравство, додаде, во моментот работи на утврдување на буџетите за следната година за носење нови лекови, пред сѐ скапи лекови кои се однесуваат на онколошките пациенти.

„Во исто време во преговори сме со два фонда, еден од Израел и еден од САД, за инвестирање во центар за биомедицина и онкологија. Таков истражувачки центар би бил дел од нашиот Медицински факултет и ќе значи приклучок на нашата медицина со современите медицински текови. Очекуваме најголем бенефит да имаат нашите пациенти. Се надевам дека проектот ќе успее иако уште сме во рана фаза“, рече Филипче.

За децата што го победиле ракот, претседателката на САНО вели дека се херои, кои успеале да победат една голема битка во животот и денеска се пример како треба да се живее со вистински вредности.

„На конференцијата ќе зборуваме како се продолжува понатаму со животот, како треба да се бориме за животот и да им порачаме на сите дечиња што се борат со ракот дека ќе победат. Ние силно веруваме во тоа“, нагласи Тасев.

Условите за лекување во македонските болници, според неа, не се секогаш добри, а родителите на децата покрај со болеста се соочуваат и со други проблеми. Посебно оние со понизок социјален статус имаат проблеми со лекови, пижами, постелнина, останување во болница…

„Единствено родителите кои можат финансиски да ги покријат овие работи се во блага предност. Затоа сме тука ние невладиниот сектор и помагаме онаму каде што е потребно, не само кај семејствата од социјален ризик, туку има и семејства кои не знаат како да се лекува болеста или не знаат каде да се обратат, не знаат со што ќе се соочат. Ние за нив подготвуваме специјални мотивирачки работилници и психосоцијална поддршка да можат овој период да го поминат посилни“, истакна Тасев.

Здружението, како што информира, работи на неколку проекти меѓу кои ги посочи целосната обнова на хематоонколошкото одделение при Детската клиника, изградба на нова дневна болница и амбуланти и изградба на „Родителска куќа“.

„Родителската куќа треба да биде готова до крајот на септември и е наменета за родителите кои не живеат во Скопје, а имаат дечиња на лекување да можат да претстојуваат бесплатно, да можат да се одморат и да се вратат кај своите деца да им дадат мотив понатаму да се борат со својата болест“, изјави Тасев.

Онкологот Билјана Чоневска од Клиниката за детски болести посочи дека просечно годишно има околу 40 нови пацинети со малигни заболувања, а секојдневно има околу 15 деца на одделот за онкологија, а се примаат и на оделот за хематологија.

„Според статистиката, немаме забележано пораст на малигни заболувања, секоја година има 40-45 нови случаи во детската возраст. Најмалиот пациент е новороденче со акутна леукемија. Во моментов ги имаме сите неопходни цитостатоци, лекувањето се спроведува по современи протоколи“, информира Чонева.

Кога имаат потреба од советување и поддршка децата и родителите имаат на располагање клинички психолог, а волонтери психолози, сестри и учителки од невладините „Борка“ и САНО им помагаат на децата, ги учат и анимираат за полесно да ги поминат тешките моменти и да ја победат битката со канцерот.

Извор: mkd.mk

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail