Риба-робот може да плива 37 часа (ВИДЕО)

При конструирањето на минијатурни роботи биомимикријата и не е некоја новина. Во неколку наврати сме пишувале за создавањето на робот-мува, робот-пчела, робот-куче… па дури и робот-бубашваба. Овојпат научниците успеаја да создадат роботска риба, но она што ја прави различна оваа робо-риба од сите досегашни проекти е концептот на нејзината градба и напојување. Таа има доволно енергија за да може да плива наспроти струјата, а низ неа како низ крвоток циркулира батериска течност.

Мекиот робот, долг 40 cm нема класични цврсти батерии, наместо тоа, тој се движи со помош на течност којашто има двојна функција – истовремено ја складира енергијата и ги движи перките на рибата. Овој пристап овозможува машината да спакува повеќе енергија во помал простор и да работи подолго време без употреба на габаритни батериски пакувања.

Според Роберт Шепард, роботичар од Универзитетот Корнел во САД, кој е дел од тимот што ја создаде робо-рибата, “оваа иновација прави исчекор кон создавањето на автономни роботи, кои ќе можат да ги извршуваат зададените задачи без човечка интервенција или водство.” Проектот е детално опишан во трудот објавен вчера во Nature.

Создавањето роботи што ќе можат да функционираат автономно на подолг временски период е еден од клучните предизвици во роботиката. Како што посочува и Чечилија Лаши, роботичар од Школата за напредни студии Санта Ана во Пиза, Италија, ваквите автономните роботи ќе можат да ја најдат својата примена во безброј ситуации – на пример, при мисиите за спасување и пребарување или, пак, при истражувањето на морските длабочини.

Но, како што спомнавме, еден од главните проблеми при нивната конструкција е складирањето на енергија. На овој тип роботи потребно е да им се обезбеди доволно количество енергија за извршување на задачите, без притоа да има потреба од брзо надополнување на резервите. Традиционално, движењето кај роботите се реализира со помош на хидраулика, додека енергијата за нејзино напојување ја испорачува полната батерија. Додавањето батерии ја зголемува тежината и габаритноста на роботот, што значи дека тој ќе троши повеќе енергија и при наједноставните движења.

Наместо конвенционална хидраулична течност, којашто вообичаено циркулира низ машината и го помага движењето на секој нејзин дел, тимот на Шепард употребил батериска течност којашто истовремено го напојува роботот и циркулира низ пумпата што ги движи перките кои овозможуваат рибата да плива низ водата.

Пристапот ја зголемил количината на достапна енергија во роботот за цели 325% ! Споредбата е направена со машина со одделна батерија и засебен хидрауличен систем. Тимот пресметал дека робо-рибата може да функционира цели 37 часа без да има потреба од надополнување на енергијата.

Иновацијата претставува значителен напредок на полето на т.н. мека роботика, каде при конструкцијата на машините се употребуваат меки и лесно свитливи материјали.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail