Рибарска мушичка може да стане препознатлив македонски бренд

26042017104943_web_18136926_10210471281872235_320622580_n.jpg

Изложба и презентација на која ќе биде претставен проектот „Македонска мушичка“ ќе се одржат на претстојниот фестивал на креативни индустрии „Скопје креатива 2017“ (4-6 мај, Младински културен центар). Овој интересен проект, во реализација на здружението „Доминиум културно јадро“, првпат во Македонија ги презентира дизајн-производите инспирирани од занаетот на изработка на мушичка за риболов во рамките на креативните индустрии.

– Дизајнираните производи со наслов „Македонска мушичка“ (мамка) се фокусираат на историското и културното богатство на Македонија и за маркетиншки цели го користат фактот за првото пишано сведоштво за постоење рибарска мушичка што потекнува од овие простори. Презентацијата всушност е официјална промоција на новиот идентитет на мушичка за рибарење, која го носи името „Македонска мушичка“ чија приказна заслужува внимание.
Првата серија на колекцијата е низа уникатни мушички дополнети и комбинирани со филигранската техника, кои добиваат нова додадена естетска вредност и можност за нов препознатлив бренд на пазарот на сувенири во Македонија. Брендот е насловен #МАкедонскаМушичКА (мамка) – вели уметницата Марија Милошевска од „Доминиум културно јадро“.

Врз основа на истражувањата за овој автохтон вид рибарска мушичка, за нејзиното историско потекло и за фолклорното богатство на Македонија поврзано со риболовот се покажа дека најстарото познато сведоштво за употребата на рибарска мушичка е запишано во делото „Де натура анималиум“ од римскиот автор Клаудије Елијан (175 – 235 година, н.е.).

– Белешката вели дека во римската провинција Македонија постоела река Астреј каде што рибите се хранеле со мушички, со изглед помеѓу пчела и мува, кои месното население ги нарекувало „хипурос“. Кога човечката рака ќе ги допрела живите мушички, тие се распаѓале. Инстинктот им кажувал на рибите дека ваквите мушички веќе еднаш биле уловени, па рибите не сакале ниту да им се приближат. За да ги намамат рибите, рибарите на јадица намотувале црвена волна и за волната врзувале два пердува со восочна боја искубани од ресата на вратот на петелот. Ваквата мамка ја закачувале на конец што бил долг исто колку и рибарскиот стап – објаснува Милошевска.

Иако ова пишано сведоштво датира од римскиот период, првите изработени орудија за риболов пронајдени на територијата на Македонија датираат уште од времето на неолитот. Оттогаш, постои континуитет во пронајдените материјални докази за изработка и за употребата на рибарски орудија, како и за разни духовни и социјални практики поврзани со риболовот.

– Оваа активност се третира како занает, секоја изработка на ваква мушичка е уникатна, а овие мушички се набавуваат и се користат од риболовците низ целата територија на Република Македонија. Секоја мушичка се изработува по модел на живи автохтони мушички (кои живеат во екумента во која се рибари) и се користи за рибарење во периоди од годината кога вистинската жива мушичка е активна – вели Милошевска.
Од фолклорното богатство поврзано со рибарската мушичка таа ги издвојува народните умотворби и гатанки поврзани со рибата, a се застапени во секојдневниот живот на македонскиот човек. Еве неколку: Рибата од главата засмрдува. Нема риба без коски. Риба в море не се пазари. Kуќа ѝ е водата, живот ѝ е – слободата (риба). Секој дизајн-производ, кој го носи логото, односно идентитетот на „Македонска мушичка“ (мамка), всушност ја носи оваа приказна.

Од овие истражувања потекна и идејата за изработка на сувенир.
– Истражувањето ни покажа дека македонската мушичка (позната како Macedonian fly) е надалеку позната во светот носејќи ја со себе сета вештина на имитирање на слободата, чиј континуитет денес е прикажан низ нејзиниот нов идентитет.

Јапонците во 12 век користеле посебна техника на мушичарење кај воените племиња со која се вежбала техниката на смирување на умот (еден вид медитација). Оттука и мислата: „Сигурно има нешто во рибарењето што произведува мир во умот“. Техниката мушичарење, односно, движењето на конецот во овие производи е имитирано/пресликано преку филигранската техника, создавајќи нова димензија на препознатлив симбол и артефакт од Македонија – „Македонска мушичка“ – подвлекуваат од „Доминум“.

Овој проект првпат во Македонија го презентира занаетот на изработка на мушичка за риболов (во рамките на креативните индустрии), а наедно и развојот на традиционални занаети и вештини и нивното пренесување на идните генерации, ревитализација на одредени аспекти на духовното културно наследство, презентација и популаризација и искористување на културното наследство како ресурс за развој на туризмот, спортски риболов, поттикнување на еколошката свест, преточено во современа техника и дизајн што всушност претставува една од основните цели на креативните индустрии.

Новината, која ја внесува овој дизајн, е што првпат рибарската мушичка пазарно се користи за цели што се разликуваат од основната функционална цел на овој производ – рибарење.
Истражувањето и производите се изработени и дизајнирани од уметницата Марија Милошевска, автор на логото е Константин Димитровски, техничката обработка е на Катерина Ѓероска и на Емилија Лазаревска и дизајнот на излогот на архитектката Кристина Богеска.

Првата серија на колекцијата „Македонска мушичка“ е низа уникатни сувенири со мотив на автохтона рибарска мушичка, дополнети и комбинирани со филигранската техника, кои добиваат нова додадена естетска вредност и можност за нов препознатлив бренд на пазарот на сувенири во Македонија, под наслов #МАкедонскаМушичКА (мамка). Проектот ќе биде претставен на претстојниот фестивал „Скопје креатива“

Фото:
Истражувањето и производите се изработени и дизајнирани од уметницата Марија Милошевска
Фото:
Заштитената трговска марка на мушичката
Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail