robotic-pants.jpeg

Тим од научници од Универзитетот на Бристол претстави прототип на роботски панталони, кои еден ден би можеле да им помагаат на луѓето со инвалидитет. Тимот од инженери под водството на професорот Џонатан Розитер ги направи панталоните кои ќе можат да им помагаат на луѓето со оштетување на карлицата. Освен тоа, панталоните би можеле во иднина да им помагаат и на постарите луѓе за полесно извршување на секојдневните обврски.

„Сите ќе остариме и со тоа ќе се намали нашата мобилност. Сакаме да им овозможиме на луѓето што подолго време да бидат самостојни“ објасни професорот Розитер. На презентацијата на панталоните на британски фестивал на наука покажа нешто што изгледа како поврзани балони наполнети со воздух кои контрахираат како мускули. Тој прототип ја имитира работата на вистинските мускули и може роботската нога да ја подигне од седечка и стоечка положба, што го прикажаа на презентацијата.

Инженерот Јоанис Димитриос Зулијас, кој работи на развој на помагала за луѓе со инвалидитет, истакнува дека тешкотиите при движење влијаат на квалитетот на живот. Со оглед на тоа дека голем број луѓе имаат проблеми со движењето, уредите кои им помагаат во мобилноста би можеле да им го подобрат квалитетот на живот, вели Зулијас.

Сепак, иако истражувањата на тоа поле траат веќе 50 години, овој вид технологија ретко кој ја применува надвор од лабораторииите. Сепак, иновативниот концепт за роботски панталони има прилично добри предиспозиции да заживее и во пракса. За разлика од крутите роботски панталони во анимираниот филм „Wallace and Gromit: The Wrong Trousers“, новите, таканаречени „вистински панталони“ (The Right trousers) имаат меки вградени мускули кои помагаат во движењето, пренесува 24sata.

Со поврзување на неколку вештачки мускули овие панталони можат да придвижуваат зглобови, на пример колената, и да му помогнат на човекот да стане од стол и да се движи. Бидејќи вградените мускули се меки и еластични, побезбедни се од традиционалните помагала од овој тип како што се роботските егзоскелети.

Секако дека од прототип до целосно функционален модел има долг пат, кој може да потрае и десет години, но инженерите од бристолскиот универзитет се надеваат дека за 6-7 години луѓето ќе можат овие панталони да ги купат од продавница.

Извор: inovativnost.mk

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail