Рускиот центар при УКИМ доби донација од 1.100 книги од Фондот „Руски мир“

133642628.gif

Висока делегација од Фондот „Руски мир“ денеска на Рускиот центар при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје му предаде донација од 1.100 книги.

Во присуство на заменик министерот за култура Драган Недељковиќ, поглаварот на МПЦ г.г.Стефан и други гости, донацијата ја предаде извршниот директор на Фондот „Руски мир“, Владимир Вјачеславович Кочин, кој изрази надеж дека донацијата ќе помогне да се задоволи интересот којшто бил покажан минатите години за изучување на рускиот јазик и култура во Македонија.

– Оваа година покажа дека бевме во право што отворивме Руски центар во Скопје. Центарот ги има сите услови за изложби, фестивали и други настани за промоција на руската култура. Во однос на перспективите за соработка ќе помогнеме Рускиот центар да ги задоволи интересите за изучување на рускиот јазик и култура во земјата, рече Вјачеславович Кочин.

Амбасадорот на Руската федерација во Македонија, Олег Шчербак, кој го помогна отворањето на Центарот, истакна дека работата на Рускиот центар станува се подинамична и исполнета со различни настани коишто предизвикуваат голем интерес кај студентите, академската и пошироката јавност.

Според него, визит карта на оваа институција е бесплатниот курс за изучување на рускиот јазик.

– Рускиот центар стана вистинско катче на руската култура и јазик и една таква институција треба да има соодветна библиотека. По денешното предавање на уште една голема донација книги може да кажеме дека овој Центар навистина располага со таква добра библиотека. Се надевам дека оваа институција ќе продолжи со работа во интерес на зајакнување на меѓусебната соработка и врски меѓу нашите два народа и држави, рече Шчербак.

Гостите ги поздрави и  ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, кој го нагласи големиот интерес за изучување на рускиот јазик. Посочи дека на првиот конкурс за бесплатно изучување на рускиот јазик пристигнале 983 пријави од кои со оглед на можностите 300 кандидати, а вториот курс ќе го посетуваат 700 кандидати кои ќе го изучуваат рускиот јазик.

– Сигурен сум дека донацијата ќе ги продлабочи знаењата на сите оние кои сакаат да го изучуваат рускиот јазик, култура, цивилизација и историја и оти ќе придонесе за развој на научната мисла на нашиот универзитет, рече ректорот Јанкуловски.

Според директорот на Рускиот центар, професор Велимир Стојковски една година од отворањето, Центарот работи со полн капацитет со што Македонија станала 47 земја во која е отворен ваков центар.

Донацијата се состои од книги, аудиовизуелни материјали, учебници и учебни помагала.

Настанот започна со едноминутно молчење за жртвите од терористичкиот напад во метрото во Санкт Петербург каде загинаа 14 лица, а над 50 беа повредени.

Рускиот центар при УКИМ беше отворен на 11 јануари 2016 година.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail