Се одвои санта мраз од Антарктикот

breg-620x425.jpg

Голема санта мраз се излизга во морето откако претходно се одвои од ледениот брег Ларсен на Антарктикот, објави во сабота Би-Би-Си.

Најновите сателитски снимки покажуваат дека сантата А-68 со површина од 6000 квадратни километри влегла во Веделовото море.

Широк појас на бистра, сина вода се отвори меѓу нејзиниот јужен раб и ледениот брег Ларсен. Се очекува А-68 да заротира и да тргне кон север.

Поларните стручњаци веруваат дека блокот тежок трилиони тони ќе ја фати океанската струја позната како Антарктичка циркумполарна струја. Таа во Јужниот Атлантик ќе ја донесе една од најголемите санти мраз било кога забележана, велат стручњаците.

Засега е тешко да се предвиди до каде А-68 ќе стигне, кој на рабовите веќе почнува да се распаѓа.

Сантите мраз кои се означени со А-68б, А-68ц, и други, и натаму плутаат во близина на своите „родители“. Но, со време ќе се одвојат и можно е големите парчиња да се закотват во плитки води и да станат трајни „ледени острови“.

Стручњаците не ја следат само таа санта мраз, туку и цел Ларсен, односно дали заради одвојувањето на А-68 се променило и неговото однесување.

Таа ледена плоча е всушност продолжение на ледниците што се спуштаат од Антарктичката копнена маса, а одвојувањето на толку големи делови од нејзината структура би можело да предизвика нови напукнувања и промена на брзината на движење на мразот.

Антарктикот има десетина ледени плочи, огромни плутачки платформи од мраз кои влегуваат во море од работ на брегот на континентот и од кои повремено се отцепуваат ледени брегови кои потоа плутаат како санти мраз. Најголемата денеска постоечка ледена плоча е голема колку Франција.

Ларсен Б се наоѓа на Антарктичкиот полуостров што се простира кон Јужна Америка и е едно од најважните подрачја на континентот на кој научниците го документирале намалувањето на ледените формации.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail