Се отвора Артикултура, првото кафуле-задруга во Македонија

artikulturaaaa.jpg

Во Битола утре се отвора нов простор, центар што ќе ја промовира и негува алтернативната култура преку организирање свирки на авторски бендови, изложби, промоции на книги, проекции на филмови, дискусии,…

Станува збор за Артикултура, првото кафуле-задруга во Македонија, концепт зад кој стојат група ентузијасти. Нивната идеја, визија е местото да стане собиралиште на прогресивната младина, да овозможи секој да се чувствува слободно, да не биде суден поради својот изглед, начин на облекување или сексуални преференции.

Целта на задругата не е да оствари профит, туку да постигне самоодржливост. Доколку во некој момент се остварува профит, задругарските правила велат тој да се вложува во организирање најразлични културни настани кои ќе бидат поголеми и поквалитетни.

– Сакаме да креираме место каде што човек ќе може да најде истомисленици со кои заеднички ќе креира нови иницијативи, базирани на заеднички вредности, со заемно помагање и разбирање, без наметнати авторитети и хиерархија, да заживееме нетипично кафуле, кое нема да ги компромитира квалитетот на музиката и настаните поради профитот, за јака алтернатива и за „убај“ деца. И за Битола, на крајот на краиштата, велат од Задругата Артикултура.

Локацијата на кафулето-задруга е во старата битолска чаршија, спроти Аврата, а отворањето е утревечер во 20 часот со целовечерен настап на скопскиот бенд Фанк Шуи и краток концерт на Фолтин.

Следната вечер, во четврток, на програмата е астро-забава, на која ќе и претходи предавање на скоро-па-дипломираниот теориски физичар Марко Шунтов и изложба на ретро постери инспирирани од Советската вселенска програма, дизајнирани од Зоран Кардула.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail