Univerzalna-sala-1-bg_resize-696x443-1.jpg

Универзалната сала и новата библиотека Браќа Миладиновци на Бит пазар ќе добијат идејни решенија. Градот Скопје и Министерството за култура потпишаа договр за капитални инвестиции во висина од 45 милиони денари или 732.000 евра со што започнуваат постапките за реализација на овие два објекти.

Според најавите од градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, Универзалната сала до крајот на годината треба да биде срушена, а дотогаш треба да биде готов новиот проект за објектот. Минатото градско раководство изработи две решенија за салата, едното за реконструкција, а второто за изградба на нов објект во форма на јајце. Шилегов вели дека ниту едното ниту другото не ги задоволуваат барањата.

Градот Скопје започна со постапките за изработка на проекти на Универзалната сала и нова библиотека во делот од градот каде што нема ваков објект. Одвоени се 45 милиони денари, од кои два милиони за библиотеката и 43 милиони за салата, посочи Шилегов.

Универзалната сала е затворена од 2015 година, кога се откорна дел од плафонот во главната концертна сала. Сепак, изградбата според проектот на архитектите Стојан Павлевски и Иван Симеонов од „Стоун дизајн“, за голема сала со 2.500 до 3.000 седишта, мала за камерни изведби со околу 300 места и административни простории во форма на јајце никогаш не се реализираше.

Во 2016 година беше откажана изградбата по овој проект заради недостаток на финансиски средства, а Министерството за култура најави дека Универзална само ќе се обновува по проектот според кој се задржува сегашниот изглед, но салата се надградува со застаклена галерија околу целиот објект и се зголемува бројот на седишта за 200.

извор: Независен

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail