Се подготвуваат пасоши и за растенијата

23022017090703_web_dsc01410o_zpsee637312.jpg

Растенијата или садниците мора да имаат пасош за да може да патуваат, т.е. да се извезуваат во земји на Европската Унија. Во него се запишани сите прегледи на растението, со што всушност се покажува дека тоа е здраво. Минатата година завршил пробниот проект за пасошкиот систем на растенија, а следната година ќе треба да го имплементираат сите производители.

Со пасошите земјите се штитат да не се увезе болест, која не само што ќе ги уништи растенијата, туку може тешко да се контролира, а и може да го уништи производството.

– Пасошкиот систем на растенијата подразбира безбедно прегледано растение што може да патува при увоз-извоз од една земја во друга. Тоа всушност е дозвола што вели дека тоа со себе не носи патогени организми. Затоа, впрочем и постојат податоци што кажуваат дека во текот на вегетацијата и при самото производство со лабораториски анализи е потврдено дека не е носител на каква било инфекција – вирусна, бактериска, габична и слично – вели проф. д-р Сузана Кратовалиева, директорка на Државната фитосанитарна лабораторија. Пасошкиот систем во Европа е воведен веќе неколку години. Станува збор за универзален систем што Македонија се стреми да го имплементира во целост.

– Имено, во рамките на проектот што заврши минатата година системот почна да се востановува на 16 фарми на кои се одгледуваат овошни растенија и лозови насади. За да се спроведе успешно кај сите, како и за секоја друга новина, треба и време и поголема кооперативност помеѓу самите производители, Фитосанитарната управа и Државната фитосанитарна лабораторија – објаснува нашата соговорничка.

Пасошот на растенија се добива откако ќе се направат прегледи на растението, кои почнуваат со самото негово вегетирање. Имено, тоа се следи, а во случај на сомнеж се земаат примероци од него. Тоа го прави Државниот инспекторат за земјоделство. – Потоа тука сме вклучени ние, со оглед на тоа што правиме анализи, па го потврдуваме или одрекуваме сомнежот. Добиените извештаи од лабораторија се испраќаат не само до Државниот инспекторат за земјоделство туку и до Фитосанитарната управа. Всушност врз основа на извештаите се издава пасошот на растенијата. Тоа е картонче на кое се наоѓаат сите ознаки за садницата – вели Кратовалиева.

Во Србија системот веќе е имплементиран, а функционира во сите членки на ЕУ.

– Системот треба да им се објасни на сите производители на садници, да видат дека не е ништо ново, само ќе треба по секој преглед да се води и евиденција. Нема да го поскапи производството, зашто пасошот нема да ги обремени финансиски.

Сега во ЕУ не може да се извезува без пасош – додава нашата соговорничка.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail