Се посегнува по нови алатки за контрола на ГМО во Македонија

15022017091755_main_gmfeed02215-1.jpg

Досега во Македонија не се откриени генетски модифицирани организми – ГМО во храна наменета за луѓето, а потврда за тоа доаѓа од Агенцијата за храна и ветеринарство, која лани направила 60 испитувања за ГМО во рамките на редовниот мониторинг на храна и сите испитувања биле негативни.

Државната фитосанитарна лабораторија, пак, во моментов, набавува опрема за вакви испитувања, а планира и да ја акредитира методата за испитување, па се очекува да порасне контролата. ГМО-производите се забранети во Македонија, а нашето законодавство се смета за порестриктивно од она во повеќе европски земји.

ГМО е тема на која и научната јавност крши копја. Така додека едни сметаат дека оваа храна ќе го спаси светот од глад, другите веруваат дека предизвикува многу болести, меѓу кои се и најсмртоносните. ГМО се добива со лабораториско мешање гени од различни растителни и животински видови со што се менуваат природните карактеристики на конкретен вид, кој е земен за модификација. Обично со модификацијата лабораториски за да се подобрат одредени карактеристики на производ или за да се „натера“ подобро да се штити во природата.

Секоја држава поединечно, сама си го регулира законодавството кога се во прашање генетски модифицираните организми.
– Агенцијата за храна и ветеринарство во име на Република Македонија има воспоставено правна рамка со која се забранува производство, ставање во промет и увоз во земјава на храна и производи од храна, кои содржат ГМО или се составени од ГМО. Во нашата земја, ниту досега, ниту во блиска иднина ќе се произведува ГМО-храна, а што се однесува на увозот, на пазарот во земјава може да се увезе само храна за која со сертификат се гарантира дека не е генетски модифицирана, ниту дека содржи ГМО-состојки – велат оттаму.

И пред целосното забранување на ГМО во земјава, во согласност со тогашната законска рамка, агенцијата немаше издадено одобрение за ставање во промет на ГМО-храна, ниту за луѓе, ниту за животни, бидејќи од страна на операторите немаше ниту поднесено барање за тоа.
– Контролата на домашниот пазар се врши во согласност со Мониторинг-програмата за безбедноста на храната, која од 2012 година ја спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство. Од пред неколку години оваа програма вклучува испитување и на ГМО. Во досегашните резултати добиени од спроведените лабораториски испитувања на Факултетот за ветеринарна медицина, нема утврдено позитивни мостри, односно не е утврдено присуство на ГМО во храната – тврдат во агенцијата.

За да се зголеми контролата Државна фитосанитарна лабораторија е во процес на набавка на опрема за испитување ГМО-производи, а потоа и да ја акредитира методата за испитување. Така, велат оттаму, ќе бидат првата лабораторија во земјава што има акредитирана метода за проверка на генетски модифицирани организми во храната.
– Во процес сме на набавка на опрема за испитување ГМО-производи. Досегашната практика покажува дека постои мониторинг за проверка на ГМО-производи, но тие програми треба да јакнат од година на година, особено што сме во најголем дел зависни кога станува збoр за добиточна храна. Големи увозници сме и на пченка и на соја, а знаете дека има и ГМО-пченка и ГМО-соја. Тие се едни од културите што треба да се проверуваат. Задолжително планираме да ја акредитираме и методата за ГМО. Така ќе бидеме прва лабораторија што ќе има акредитирана метода за проверка на ГМО – вели проф. д-р Сузана Кратовалиева, директорка на лабораторијата.

Многумина, ГМО-храната ја поврзуваат со тумори, алергии, стерилност. Тие веруваат дека на долги патеки може да предизвика и рак. Меѓутоа, поддржувачите на оваа храна се убедени дека таа не е опасна. Повеќе од 100 научници од светски ранг, добитници на Нобелова награда, пред околу една година, потпишаа писмо со кое од организацијата „Гринпис“ бараат да ја прекине кампањата против ГМО. Тие сметаат дека ГМО може да биде извор на храна што ќе ги спаси и најсиромашните делови во светот.

 

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail