Семејство од Тетово кое живее со волци – Тие ни се како деца, луѓето се поопасни

Семејството Исмаили од Тетово, во својата куќа во подножјето на Шар Планина во селцето Лешок одгледуваат необични миленичиња – волци. Иако тие се сметаат за крволочни и опасни животни, разиграните и питоми Алек, Лупо и Луна, за кои веќе две години се грижи ова семејство, не претставуваат никаква опасност и многу послушно ги почитуваат наредбите на својот газда Фадил.

Волците по својата природа се животни кои избегнуваат билокаков контакт со луѓе, а најчесто ги сметаат за непријатели на човекот кои ги убиваат нивните кози и овци. Меѓутоа, волците на ова семејство Исмаили се разликуваат од планинските – тие се пријателски расположени, а се случува и да наидат на стадо овци но никогаш не ги нападнале.

Фадил Исмаили волците ги чува на пространа ливада, оградена со дебела жица, веднаш покрај куќата. За нив ова семејство се грижи од кога биле само мали младенчиња. Со нив седат и внатре во куќата и често ја делат храната.

“Сето ова е многу контрадикторно за луѓето кои велат дека волкот е крволочно и опасно животно. Убеден сум дека луѓето се многу поопасни од волците. Овие волци не ми имаат направено никаква штета, а луѓето да. Се плашиме од волчијте заби, а не се плашиме од вооружени луѓе?” – вели Фадил и додава дека доколку на волците им подарите љубов и тие ќе ви вратат со љубов дури и повеќе.

Пред да ги купи, Исмаили изучувал и следел обука за тренинг на животни. Објаснува дека неговите волци коммуницираат со знаци и движења и дека човекот е тој што треба да го научи нивниот јазик, а не обратно.

“Како што дете се одледува со љубов, така и волкот доколку му покажете љубов ќе ви стане пријател. Меѓутоа, ние луѓето, како интелигентни суштества сакаме тие нас да не разбираат и слушаат, а многу е поедноставно доколку ние нив го разбереме и делуваме според нивните потреби”, истакна Исмаили.

Многу експерти тврдат дека волците во чопор се однесуваат како семејство. Лупо, Луна и Алек ја почитуваат хиерархијата, како дел од семејството Исмаили. По оваа хиерархија, главниот збор го има Фадил, а најдоминантен е Алек, кој на сопругата на Фадил и на нивните деца со однесувањето често сака да им даде до знаење кој е најсилен, но тоа никогаш не го прави со својот газда. А потоа на ред доаѓаат младите Луна и Лупо.

Семејството Исмаили своите волци често ги носат на прошетка во руралните полиња. Мештаните не се бунат, ги посетуваат и ги почитуваат поради љубовта која им ја даваат на овие животни. На познатите лица не реагираат, меѓутоа кога некој непознат ќе помине покрај нивната ливада започнуваат да завиваат се додека Фадил не им даде знак да престанат.

Алек, Лупо и Луна се хранат три пати дневно, но не со живо месо туку со коски, како и посебна готова храна. Бараат особена грижа и храна која вклучува и витамини кои им се даваат во зависност од временските услови, за да не би настрадале од некоја волчја болест.

Извор: TV 21

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail