Што е популизам !?

mkd-304606.jpg

Едноставно кажано, популистите не тврдат: „Со нас се 99 проценти од народот“. Наместо тоа, подразбираат: „Со нас се 100 проценти од народот“.

Не памтам ниту една изборна кампања во Америка што толку била поврзувана со „популизмот“ како кампањата од 2015-2016 година. И Доналд Трамп и Берни Сандерс се нарекувани „популисти“. Терминот најчесто се користи како синоним за „противниците на естаблишментот“, и како што тука изгледа, тоа се прави независно од некои конкретни политички идеи; како да е важно само однесувањето, а не и содржината, вели во воведот на книгата „Што е популизам?“ авторот Јан Вернер Мулер.

Оттаму терминот првенствено се поврзува со одредено расположение и емоции: популистите се „лути“; нивните гласачи се „разочарани“ или хронично „незадоволни“. Слично се зборува и за политичките лидери во Европа и нивите следбеници: на пример, Мари ле Пен и Герт Вилдерс обично се обележуваат како популисти. И двајцата без никаков сомнеж се десничари. Но случајот со Сандерс покажува дека и левичарите добиваат етикета на популисти; таква етикета носат и Сириза во Грција, левичарската коалиција што во јануари 2015 ја освои власта, и Подемос во Шпанија, кој заедно со Сириза остро се противи на ставот на Ангела Меркел дека мерките за штедење се правиот одговор на должничката криза во Европа.

И двете движења – посебно Подемос – играат на картата на чувствата предизвикани од таканаречената „розова плима“ во Латинска Америка, каде што популистичките лидери како Рафаел Кореа, Ево Моралес, и, пред сè Хуго Чавез постигнаа огромен успех. Сепак, што е заедничко за сите овие политички актери? Ако се согласуваме со Хана Арент дека политичкото расудување е способност на воочување на разликите што ни одговараат, тогаш распространетото поврзување на десницата и левицата во говорот за популизмот треба да нè натера на размислување. Дали тоа што денес е популарно најразличните феномени да се класификуваат како „популизам“ укажува на недостиг од политичко расудување?

Оваа книга започнува со забелешката дека, и покрај толку муабети за популизам (бугарскиот политиколог Иван Крастев, еден од најпроникливите аналитичари на денешниот политички живот, го нарече нашето време „доба на популизмот“), големо прашање е дали знаме за што зборуваме. Ние едноставно не располагаме со ништо што би личело на теорија на популизмот, а ни недостигаат и основните критериуми врз кои би можеле да одредиме кога политичките актери стануваат популисти во некое издржано значење на зборот. На крајот од краиштата, секој политичар – посебно во изборните демократии – сака да му се допадне на „народот“, да раскаже приказна што најголем дел од граѓаните ќе ја разберат и да погоди што мисли и особено што чувствува „обичниот свет“. Дали популистот е само успешен политичар што не го сакаме? Дали може обвинението за популизам и самото да биде популистичко? И на крај, дали популизмот всушност е „автентичен глас на демократијата“, како што тврди Кристофер Лаш?

Со оваа книга настојувам да ни помогнам да го препознаеме популизмот и да се соочиме со него. Целта ми е тоа да го направам на три начини. Прво, сакам да опишам кој вид политички актери спаѓаат во популисти. Тврдам дека неопходен услов за тоа е да бидат критички настроени кон елитите, меѓутоа и дека тој услов не е доволен. Инаку секој што би го критикувал статус-квото во, да речеме, Грција, Италија или САД по дефиниција би бил популист – и што и да мисли некој за Сириза, или за бунтовното Движење на петте ѕвезди на Бепе Грил или за Сандерс, тешко може да се порекне дека нивната критика на елитите секогаш е оправдана. Исто така речиси секој претседателски кандидат во Америка би бил популист кога критиката на постојната елита би била единственото нешто што го карактеризира популизмот: на крајот од краиштата, сите тие водат кампања „против Вашингтон“.

Освен што се антиелитисти, популистите секогаш се и антиплуралисти. Популистите тврдат дека тие, и само тие го претставуваат народот. Да се сетиме на примерот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој и покрај своите многубројни домашни критичари на партискиот конгрес изјавува: „Ние сме народ. А кои сте вие?“ Секако, тој знае дека неговите противници исто така се Турци. Полагањето право на ексклузивното претставување не е емпириско; тоа секогаш е изразито морално. Кога се кандидираат за позиција на власта, популистите своите противници ги претставуваат како претставници на неморалната, корумпирана елита; кога се на власт, одбиваат да ѝ признаат легитимност на каква било опозиција. Популистичката логика подразбира дека и оние што не поддржуваат популистички партии не се вистински дел од народот – секогаш дефиниран како исправен и морално чист.

Едноставно кажано, популистите не тврдат: „Со нас се 99 проценти од народот“. Наместо тоа, подразбираат: „Со нас се 100 проценти од народот“.

За популистите ова равенство секогаш е точно: секој што ги опоменува дека не се во право тие можат да го опишат како неморален и некој што не е дел од народот во вистинска смисла. Поинаку кажано, популизмот секогаш е облик на политиката на идентитетот (иако не се сите политики на идентитетот популистички). Од ова разбирање на популизмот како облик на политика на идентитетот чија крајна цел е исклучување следи и сфаќањето дека популизмот е опасен за демократијата, затоа што демократијата бара плурализам и признание дека треба да се обезбедат правични услови во кои можеме заедно да живееме како слободни и рамноправни граѓани, но и како граѓани чија различност не се доведува во прашање. Идејата за еден, хомоген, автентичен народ не е ништо друго освен фантазија; како што филозофот Јирген Хабермас еднаш кажа, „народот“ може да се појавува само во множина. Споменатата фантазија е опасна, затоа што популистите не само што успешно ги користат судирите, туку и поттикнуваат на поларизација, а кон своите политички противници се однесуваат како кон „непријатели на народот“ и настојуваат комплетно да ги исклучат од игра.

Тоа не значи дека сите популисти ќе ги испраќаат своите непријатели во гулаг или дека ќе креваат ѕидови на границите од својата земја, но не значи ни дека популизмот се сведува на безопасна изборна реторика или едноставен протест што ќе спласне штом популистот ќе ја освои власта. Популистите можат да владеат како популисти. Спротивно на вообичаеното мислење е дека популистичките партии се откажуваат од протестите штом ќе ги добијат изборите бидејќи логиката вели дека не можеш да протестираш против самиот себе во влада. Популистичкото управување го карактеризираат три работи: обид да се зграби државниот апарат, корупција и „масовен клиентелизам“ (размена на материјални добра или бирократски услуги за политичка поддршка од граѓаните, кои потоа стануваат „клиенти“ на популистите), а тука е и обидот систематски да се потисне граѓанското општество. Секако, голем број авторитарни ликови постапуваат на сличен начин. Разликата е во тоа што популистите го оправдуваат своето однесување со тврдењето дека само ти го претставуваат народот; а тоа им дозволува таквите работи сосема отворено и без стегање да ги спроведуваат во практика. Со ова се објаснува и зошто откривањето корупција ретко може да им наштети на популистичките лидери (да се потсетиме на Ердоган во Турција или крајно десничарскиот популист Јерг Хајдер во Австрија). Нивните следбеници на тоа гледаат вака: „Тие тоа го прават за нас,“ автентичниот народ.

Втората глава на книгата зборува за тоа дека популистите не се плашат од носење устави (Венецуела и Унгарија се примери). Наспроти раширената претстава дека повеќе сакаат да бидат потполно неограничени и да се потпираат на неорганизираната маса на која ќе ѝ се обраќаат од балконот на претседателската палата, популистичките лидери всушност често пати создаваат ограничувања, меѓутоа само ако тие се во нивна корист. Оттаму уставите не им служат како средство за зачувување на плурализмот, туку за негово елиминирање.

Во третото поглавје се занимавам со подлабоките причини за популизмот, посебно неодамнешните општествено-економски промени низ Западот. Исто така го поставувам прашањето како можеме успешно да се поставивме кон популистички настроените политичари и нивните гласачи. Ја отфрлам либералната позиција, која во основа препорачува терапија за граѓаните, „чии стравови и гнев треба сериозно да се сфатат“, а го отфрлам и сфаќањето дека мејнстрим-актерите треба едноставно да го копираат она што го нудат популистите. Ни спротивната крајност – потполно исклучување на популистите од дебата – не е добар избор бидејќи се сведува на тоа дека на популистичкото тежнеење кон исклучување треба да се одговори со исклучување на популистите. Како алтернатива предлагам одредени политички правила за соочување со популистите.

Пред повеќе од четвртина век, еден тогаш прилично непознат функционер на Стејт департментот објави статија што беше дочекана со лош глас и главно погрешно сфатена. Авторот беше Францис Фукујама, а насловот на статијата, секако, гласеше „Крај на историјата“. Долго време можеше лежерно да ја докажеш својата интелектуална големина така што, со потсмев, ќе кажеш дека крајот на Студената војна не доведе до крајот на историјата. Но секако, Фукујама не го претскажа и крајот на сите судири воопшто. Тој едноставно ризикуваше да каже дека, на ниво на идеја, либералната демократија повеќе нема противник. Дозволуваше и други идеологии тук-таму да имаат поддршка, но веруваше дека ниту една не би можела да ѝ конкурира на глобалната привлечност на либералната демократија (и пазарниот капитализам).

Дали тој толку очигледно грешеше? Радикалниот исламизам не е сериозна идеолошка закана за либерализмот. (Оние што го привикуваат духот на ‘исламофашизмот’ повеќе сведочат за сопственото копнеење по јасно исцртаните линии на фронтот како што имаше во времето на Студената војна, отколку на политичката стварност каква што е денес.) Тој модел е мотиватор и поради своите досегашни рекордни резултати во спасувањето милиони луѓе од сиромаштија – посебно во земјите во развој, но не само во нив. И покрај тоа, демократијата останува главниот политички погодок, а авторитарните власти им плаќаат огромни суми пари на лобистите и експертите за односи со јавноста што требаат да им обезбедат признание од меѓународните организации и западните елити, дека се навистина демократски.

Сепак, не оди сè во корист на демократијата. Денес опасност за неа не е некоја сеопфатна идеологија што системски ги негира демократските идеали. Опасноста е популизам – расипан облик на демократија која ветува дека ќе се вратат највисоките демократски идеали („Нека владее народот!“). Со други зборови, опасноста доаѓа од самиот демократски свет – политичките актери што се извор на опасноста зборуваат со јазикот на демократските вредности. Тоа што крајниот резултат е политика која е очигледно антидемократска треба сите нас да нè загрижи – а покажува и дека постои потреба за истенчено политичко расудување, кој нам ќе ни помогне точно да одредиме каде завршува демократијата, а каде почнува опасноста.

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail