Што ќе фрлат Германците, ќе возат Македонците

dizell.jpg

Шест милиони половни дизелаши од Германија ќе го преплават европскиот пазар до крајот на годинава. Германија подготвува голема чистка на дизел возилата од патиштата, па дури се нудат субвенции до 10.000 евра за купување нов автомобил. Од 15 милиони дизел автомобили во Германија, околу 6,7 милиони го исполнуваат евро 4 еко- стандардот, други 6 милиони ги задоволуваат евро 5 прописите, а останатите се од највисоката евро 6 класа. Возилата со евро 4 стандард ќе треба да бидат отшлепани на отпад или продадени во други земји инаку нивните сопственици ќе плаќаат поголем данок и поскапа регистрација за нив.

За жал, иако се обративме Групацијата на импортери на автомобили при Сојузот на стопански комори, досега не добивме од нив официјален коментар за оваа нова ситуација со која ќе се соочи домашниот авто- пазар, кој и онака во последниве години е на стаклени нозе. Олабавената политика за увоз на употребувани возила и економската состојба во земјава придонесоа граѓаните се потешко се фатат за џеб и да купат нов автомобил. Од друга страна, сопствениците на плацеви за продажба на половни возила трљаат раце. Тие очекуваат зголемени испораки на дизел возила со евро 4 од Германија, за какви што е дозволен увозот кај нас.

– Нашите луѓе сакаат коли донесени од Германија. Нема да е проблем да се продадат. Без разлика колку се стари сите се добро сочувани и сервисирани. Затоа, воопшто не се сомневам дека речиси сите овие автомобили ќе го видат крајот во Македонија и во други земји како Србија, Босна и Херцеговина, Албанија- коментира еден сопственик на авто- плац.

(М.Б.) за ФАКТОР

Што мислиш ти?
  • Ви се допаѓа оваа вест? Препорачајте ја на Вашите пријателите преку следниве сервиси:
  • Mail